[ФОТО] „За Павлина од погон ќе се намалат празниците, а јавна администрација што дреме по кафиња, на фризер - никако...“: Ина Многуфина го искритикува предлогот на Стопанската комора

Точка

07/10/2026

16:56

660

Големина на фонт

а а а

Најавите за измени во Законот за празници и ограничувања во боледувањата предизвикаа реакции во јавноста. Меѓу оние кои се огласија е и Ина Многуфина, која преку објава на социјалните мрежи го искритикува предложениот пристап.

„Ќе се најде начин боледувањето од 7 да се намали на 5 дена без специјалистички, ќе се најде начин да се намалат деновите за Павлина од погон или шивална да може да работи и тогаш, само за дел од јавна администрација што дреме по кафиња, на фризер, депилација и нокти никако да се најде начин да се соберат во канцеларија“, напиша Ина.


Нејзиниот коментар доаѓа во период кога Стопанската комора на Македонија подготви предлог за измени на Законот за празниците. Предлогот се очекува да биде доставен до Министерството за економија и труд.

Според предложените измени, бројот на неработни денови по основ на празници би бил ограничен на најмногу 13 годишно за секој вработен. Во тие 13 дена би влегле 11 празници кои важат за сите граѓани, додека дополнителни два празника би се избирале од празниците поврзани со верската или етничката припадност на работникот, при склучување на договорот за работа.

Една од клучните промени се однесува и на празниците кои се паѓаат во недела. Наместо автоматски да се префрлаат на првиот нареден работен ден, тие би останувале во денот кога се одбележуваат.


Од Комората појаснуваат дека целта не е укинување на празниците, туку промена на начинот на нивното користење. Како аргумент се наведуваат тешкотиите што сегашниот модел ги создава за компаниите, како и влијанието на честите продолжени викенди врз работната продуктивност.

Паралелно со ова, се најавуваат и измени поврзани со боледувањата. Со најавените измени на друг закон, матичниот лекар би можел самостојно да одобри боледување без специјалистички наод во траење до пет дена, наместо досегашните седум. За одредени здравствени состојби се предвидува да има исклучоци.