[ВИДЕО] 28 години патувал без превоз: Британскиот авантурист конечно се врати во татковината

Точка

07/10/2026

15:46

585

Големина на фонт

а а а

Британскиот авантурист Карл Башби (57) вчера се врати во Англија 28 години откако ја напушти земјата, препливувајќи го Ла Манш, со што го приведе кон крај своето патување околу светот без користење превозно средство, започнато во 1998 година.

Башби, поранешен падобранец во британската армија, за време на патувањето поминал повеќе од 50.000 километри и минал низ 29 земји, движејќи се исклучиво пеш или пливајќи. Неговата цел е да стигне до Хал, на североистокот на Англија и да го затвори кругот.

Башби соопшти дека пливал од Франција до Велика Британија, што била последната голема пречка на неговиот пат назад кон родниот Хал, пренесе  Би-би-си.


„Убаво е повторно да се почувствува британското тло под нозете по сите овие години. Не беше лесно, а делумно токму во тоа е суштината – да докажам дека сум поспособен отколку што верувам“, изјави тој.

Башби кажа дека пливал вкупно 20 часа во текот на три дена, сè додека во понеделник во 15:30 часот не стигнал до плажата Шекспир, јужно од Довер, каде што го пречекале пријателите и семејството, како и режисерот Вернер Херцог, кој снима документарен филм за неговото патување.


Башби го напуштил Чиле на 1 ноември 1998 година, следејќи две правила што самиот си ги поставил – да не користи превоз и да не се врати дома пред целосно да го заврши патувањето, пренесе Би-би-си.

Неговото патување било прекинувано повеќепати, меѓу другото поради проблеми со визата во Русија, финансиската криза во 2008 година и Ковид-19 пандемијата, што вкупно му одзело 14 од 28-те години на патувањето.

Откако пеш го преминал Беринговиот Теснец меѓу Алјаска и Русија, Москва со години му одбивала виза.


Преминувањето на Ла Манш, координирано со француската и британската крајбрежна стража, се чувало во тајност сè до неговото завршување поради безбедносни причини. На Башби сега му преостануваат уште околу 400 километри до родниот Хал.

По завршувањето на патувањето, планира да се посвети на снимање документарни филмови и одржување предавања.