Бугарија ја прекина потрагата по екипажот на бродот потонат по напад со дрон

Макфакс

07/10/2026

13:00

251

Големина на фонт

а а а

Бугарија ја прекина потрагата по екипажот на бродот што потона по напад со дрон во Црното Море, поради што нема траги од исчезнатите морнари. Во нападот биле погодени два брода, од кои еден потонал, а инцидентот предизвикува загриженост за можни руски хибридни напади.

Бугарија ја прекина потрагата по исчезнатиот екипаж на бродот што потона откако беше погоден со дрон, на околу 130 километри од бугарскиот брег, изјави за Нова ТВ вицеадмиралот Румен Николов од бугарската Поморска управа.

Во раните утрински часови во вторникот два брода беа погодени во напад со дронови во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море. Едниот брод потона, а другиот беше оштетен. Екипажот на оштетениот брод беше спасен, додека екипажот на потонатиот брод и натаму се води како исчезнат.

Николов изјави дека спасувачката операција и потрагата по екипажот на потонатиот брод нема да продолжат во среда.

„Нема траги од морнарите од првиот брод и нема ни да има. Исто така, нема никакви информации за остатоци од дроновите“, рече тој во утринската програма на Нова ТВ.

„Пронајдени се чамец, три сплавови за спасување и делови од бродската опрема“, додаде Николов.

Сè уште не е јасно кој го извршил нападот со воздушни и поморски дронови во водите кај крајбрежниот град Бјала, во источниот дел на Бугарија, но расте загриженоста поради можни руски хибридни напади во време кога Москва води војна во Украина.

Николов изјави дека инцидентот се случил во таканаречената „зона на одговорност за пребарување и спасување“, а не во територијалните води на земјата, кои се протегаат до 12 наутички милји од брегот.

Во одвоен инцидент, романските власти во понеделникот соопштија дека две лица загинале во пожар на брод во Црното Море, надвор од територијалните води на Романија.

Бугарскиот премиер Румен Радев во вторникот изјави дека не е јасно дали дроновите дошле од Русија или од Украина, објави бугарската новинска агенција БТА.

Бугарија не граничи со ниту една од двете земји, но како членка на НАТО има стратешка положба на Црното Море, каде што и Украина и Русија имаат големи пристаништа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното видеообраќање изјави дека истрагата спроведена од бугарските власти и бугарската морнарица покажала дека зад нападот стои Русија.

Радев во средата изјави дека неговата влада, по нападот, ќе одобри набавка на уште пет противвоздушни ракетни системи.