[ВИДЕО] Драган Тапшанов не успеа да ги задржи солзите во „Полиграф“: „Најголем страв ми е да не сум тука за моето дете – или дека не сум го извадил на прав пат“

Точка

05/10/2026

19:41

467

Големина на фонт

а а а

Познатиот фотограф и травел инфлуенсер Драган Тапшанов беше гостин во „Полиграф“ кај Стефонатор, каде отворено зборуваше за својот живот, патувањата, семејството, но и за најголемите стравови што ги носи како татко.

Тапшанов, кој со сопругата Едит и синот Марк често патува и споделува дел од своите авантури, беше особено емотивен кога разговорот се насочи кон неговото дете.

На прашањето дали се смета за добар татко, следуваше долга тишина. По некое време, Тапшанов призна дека нема едноставен одговор.

„Мислам дека никогаш нема да знам дали сум добар татко или лош, тоа времето би покажало. Ама се трудам да бидам најдобар што можам“, рече тој.

Според него, постојаното преиспитување можеби и е дел од одговорното родителство. Често се прашува дали одлуките што ги носи се вистинските за Марк и како тие ќе влијаат врз него во иднина.

Во еден момент, зборувајќи за најголемиот страв што го има како родител, Тапшанов не успеа да ги задржи солзите.


„Најголем страв ми е да не сум тука за моето дете, или ако не сум – дека не сум го извадил на прав пат“, откри тој.

Тапшанов сподели и дека последните неколку години му го промениле погледот кон животот. Семејни ситуации, кои се обидувале да ги задржат подалеку од јавноста, го натерале многу повеќе да го цени времето и моментите поминати со најблиските.

Денес, како што вели, не сака да троши ниту еден час од животот на нешта што не му значат. А кога станува збор за Марк, секој чекор го анализира низ прашањето дали е добар за неговата иднина.


Токму фотографиите со синот понекогаш му помагаат да ги исфрли емоциите. Кога не може да спие, знае да погледне некоја нивна заедничка фотографија и да напише што чувствува, по што, како што вели, чувствува олеснување.

„Никогаш нема да бидеме сигурни дали сме го направиле најдоброто за нашето дете, освен ако имаме 100 години и синот или ќерката ти речат: ‘Фала ти’“, порача Тапшанов.

Покрај емотивната тема за родителството, во емисијата зборуваше и за образованието, патувањата и непријатните ситуации низ кои поминал. Интересно е и што Тапшанов ги одговори сите прашања на полиграфот без да биде регистрирана невистинитост, по што Стефонатор му честиташе за резултатот.