50. Марш за ангелите: Родителите бараат месечно над 10 рочишта за Пулс и јасни одговори од институциите

Макфакс

03/10/2026

21:30

201

Големина на фонт

а а а

Чиста правда и судење без одолговлекување побараа родителите на починатите во „Пулс“ на денешниот 50. „Марш за ангелите“, кој заврши пред Основниот суд во Кочани.

Родителите, како и вообичаено, маршот го започнаа од „Паркот на Револуцијата“, а го завршија пред Судот, со попатни станици во Трговскиот центар, пред зградата на Управата за јавни приходи и пред Полициската станица.

Од Трговскиот центар, Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, порача дека семејствата не бараат пресуда од улица, туку редовно закажување на рочиштата и јасно и јавно образложение за секое одлагање.

„Ние родителите и семејствата бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно“, децидно истакна Наунов.

Тој додаде дека децата кои биле загубени во трагедијата нема да им бидат вратени, но дека вистината и правдата не смеат да изостанат.


Пред Основниот суд и Обвинителството се обрати и Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов. Таа побара информации за повеќе постапки и сомнежи за можни кривични дела поврзани со трагедијата од 16 март минатата година.

Блажева посочи на сомнежи за даночно затајување, неправилности поврзани со издавањето на лиценцата, евентуално фалсификување исправа, давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание. Таа ги спомена и предистражните постапки поврзани со Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд.

Од Обвинителството побара јавно да појасни кои постапки се водат, против кого, за кои кривични дела и до каде е нивната реализација.

„Бараме институциите да постапуваат и да дадат одговори. Правдата мора да важи за сите“, порача Блажева.

На 50. „Марш за ангелите“, родителите и семејствата на жртвите повторно побараа институциите да постапуваат без одолговлекување и да обезбедат целосно расчистување на сите околности поврзани со трагедијата во „Пулс“.