Дел од обиколницата кај Солун вечерва ќе биде целосно затворен за сообраќај во двете насоки поради продолжување на градежните работи на големиот проект „Flyover“.
Затворањето ќе започне во сабота, 3 октомври, во 23:30 часот, и ќе трае до 05:30 часот во недела, 4 октомври.
Станува збор за целосно затворање на Внатрешниот периферен пат меѓу јазлите К5 „Папагеоргиу“ и К6 „Метеора“.
Информацијата е особено значајна за возачите кои вечерва или рано наутро патуваат преку Солун кон Халкидики, солунскиот аеродром и другите делови на северна Грција, но и за оние кои се движат кон Кавала и Катерини.

Во насока кон исток
Сообраќајот целосно ќе биде прекинат кај излезниот крак кон Евкарпија, во близина на Градскиот стадион.
Возилата кои доаѓаат од западниот дел на Внатрешниот периферен пат и се движат кон исток задолжително ќе се исклучуваат на излезот кон „Склавенитис“ кај Евкарпија.
Оттаму, сообраќајот ќе биде пренасочуван преку јазолот „Склавенитис“, улиците „Јанис Рицос“ и „Тисеос“, а потоа кон Булевар Страту и понатаму преку градската улична мрежа кон источниот дел на Солун.
Во периодот на затворањето нема да биде дозволен ниту влез на Внатрешниот периферен пат во насока кон исток преку влезната рампа кај болниците.

Во насока кон запад
Промени ќе има и за возачите кои се движат кон запад.
Сообраќајот целосно ќе биде прекинат кај јазолот К6 „Метеора“. Возилата ќе се пренасочуваат преку излезот на К6, а потоа преку Булевар Андреас Папандреу и градската сообраќајна мрежа.
За возачите кои патуваат кон Халкидики и солунскиот аеродром, предвидено е пренасочување преку излезот кај „Склавенитис“.
Сообраќајот кон Кавала и Катерини ќе се пренасочува преку алтернативни градски правци.
Возачите се повикуваат да ја следат поставената сообраќајна сигнализација и, доколку е можно, да ги избегнуваат затворените делови во периодот од 23:30 до 05:30 часот.
Затворањето е поврзано со продолжувањето на градежните работи на „Flyover“, проектот за новиот надвозник на солунската обиколница.












