САД и Украина го склучија првиот голем договор за ретки минерали

Макфакс

02/10/2026

21:50

215

Големина на фонт

а а а

САД и Украина потпишаа важен договор за соработка во областа на ретките и критични минерали, со цел поддршка на украинската економија и енергетска инфраструктура во текот на војната со Русија.

Заедничкиот американско-украински инвестициски фонд за обнова го склучи својот прв голем договор во областа на критичните минерали, заедно со уште четири нови проекти, изјави за „Ројтерс“ висок американски функционер во фондот.

Фондот беше основан во рамки на договорот за минерали потпишан во април минатата година, на иницијатива на американскиот претседател, Доналд Трамп. Тој е насочен кон пет стратешки сектори, меѓу кои критичните минерали, одбраната, енергетиката и инфраструктурата.

Конор Колман – раководител за инвестиции во Американската корпорација за развојни финансии (ДФЦ), изјави дека проектите на фондот сега имаат вкупна вредност од околу 70 милиони долари и ја покажуваат поддршката на Вашингтон за Киев во услови на долготрајната војна со Русија.

„Апсолутен императив за украинскиот народ во моментов е да се инвестира“, рече Колман, зборувајќи за Украина која се подготвува за уште една зима.

Долгоочекуваниот прв договор во областа на критичните минерали ќе обезбеди околу 30 милиони долари за заедничка инвестициска платформа со компанијата BGV Group, основана од Хенадиј Буткевич, милијардер и косопственик на ATB, најголемиот синџир супермаркети во Украина.

Колман изјави дека инвестициите првично ќе бидат насочени кон рударски проекти во рана фаза низ Украина, со акцент на наоѓалишта на ретки земни елементи, ураниум, берилиум и циркониум.

Со уште два новонајавени проекти ќе се обезбеди поддршка за украинската електроенергетска мрежа и системите за греење, по зачестените руски напади врз клучната инфраструктура во пресрет на зимата.

Колман рече дека еден од проектите ќе се надоврзе на заемот од речиси 100 милиони долари што DFC неодамна се согласи да ѝ го одобри на ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина.

Средствата се наменети за нов систем за складирање електрична енергија во батерии, кој треба да обезбеди резервно напојување до два часа за приближно 600.000 украински домаќинства.