Нови правила во Јапонија: Без познавање на јазикот и плата повисока од просечната, странците нема да добиваат постојан престој

Точка

02/10/2026

08:31

530

Големина на фонт

а а а

Јапонија драстично ги зголеми таксите за странците кои сакаат да престојуваат во оваа земја, при што цената за поднесување барање за постојан престој е зголемена дури 20 пати и изнесува 200.000 јени (1205 евра).

Покрај значително повисоките трошоци, властите воведоа и построги услови кои ја вклучуваат висината на приходите, придонесите за пензиско осигурување и задолжителното познавање на јазикот.

Новите мерки предизвикаа вистински хаос низ целата земја, а пред имиграциските канцеларии се формираа долги редици од луѓе кои се обидуваа да ја предадат документацијата пред стапувањето на новите цени во сила.

Главното имиграциско биро во Токио соопшти дека подносителите на барањата на почетокот на оваа недела чекале и подолго од седум часа.


Зголемувањето на таксите е дел од пошироката реформа на имиграциската политика под премиерката Санае Такаичи. Досега странците плаќаа единствена такса од 6.000 јени (33 евра) при секоја промена на статусот или продолжување на престојот.

Од 1 октомври, висината на надоместокот варира во зависност од должината на одобрениот престој – од 10.000 јени (60 евра) за периоди до три месеци, па сè до 75.000 јени (417 евра) за петгодишен престој. Одредени попусти се предвидени единствено за лица во тешка финансиска состојба и за бегалци.

Сепак, финансиските бариери не се единствената пречка. Сите оние кои во иднина ќе бараат постојан престој ќе мора да докажат стабилен приход кој е на ниво на просекот во Јапонија или над него.

Исто така, подносителите на барањата мора да имаат доказ за очекувани пензиски примања еднакви на оние што ги остварува лице кое 30 години уплаќало во пензискиот систем за вработени.


Дополнителен удар врз странските државјани следува во април следната година, кога стапува во сила правилото за задолжително основно познавање на јапонскиот јазик. Поради тоа, во Јапонија веќе е забележан масовен пораст на запишувањето во јазичните училишта и рекорден број пријави за полагање официјални тестови за јазична компетентност.

Јапонија веќе со години се бори со тешка демографска криза и стареење на населението, поради што тамошната економија сè повеќе се потпира на странска работна сила.

Бројот на странски жители во Јапонија надмина 4,12 милиони на крајот на 2025 година, што претставува рекорден раст од 9,5 отсто во однос на претходната година.


Сепак, брзиот прилив на странци предизвика загриженост кај дел од домашната јавност. Премиерката Такаичи, која управувањето со имиграцијата го постави меѓу своите највисоки приоритети, порача дека владата ги разбира овие стравувања.

„Се работи на тоа да се обезбеди политиките кон странските државјани да бидат уредени, како и јапонските државјани и странските жители да можат да живеат сигурно и безбедно“, напиша Такаичи на мрежата X во пресрет на стапувањето на новите правила во сила.

Ова е втор голем финансиски удар врз странците во Јапонија во краток период, откако во јули таксите за визи беа зголемени петпати, што беше првото поскапување на визите во последните 50 години.