Патувате во Италија? Денес почнува месецот на штрајкови во земјата – градовите ќе бидат парализирани

Точка

02/10/2026

16:35

377

Големина на фонт

а а а

Во Италија денес започнува месецот на штрајкови кои, според најавениот распоред, ќе ги опфатат железницата, училиштата, здравствениот сектор, јавната администрација, локалните власти и други дејности, а протестите ќе траат до 30 октомври.

Првиот генерален штрајк го прогласи Конфедерацијата на синдикати на работниците на Европа (ЦСЛЕ), со поддршка од синдикатот ФИ-СИ, пренесе порталот „Аднкронос“.

Денешниот штрајк ќе ги опфати работниците во железничкиот сообраќај, здравството, металургијата, училиштата и локалната самоуправа, органите за спроведување на законот, приватното обезбедување, поморскиот сектор, како и земјоделството и сточарството.

Во железничкиот сообраќај штрајкот ќе трае од 11 до 14 часот.


Синдикатите бараат пониски цени на горивото и основните производи, пониски даноци и зголемување на платите за да се покријат трошоците за живот, како и енергетска независност и мерки за поддршка на растот и конкурентноста на италијанските компании.

Штрајковите продолжуваат на 3 октомври во Џенова, каде што вработените во АМТ (јавен превоз) ќе ја прекинуваат работата во повеќе термини, додека од 5 до 7 октомври е најавен национален штрајк на почесните судии, кои бараат постојано вработување и укинување на разликите во третманот во однос на колегите кои стапиле на должност пред 2017 година.

За 6 октомври е закажан и протест пред Министерството за правда.

На Сицилија, на 8 октомври, ќе штрајкуваат работниците на „FS Security“ од 6 до 22 часот, додека од 12 до 13 октомври е најавен штрајк на вработените во железницата.


Локалниот јавен превоз ќе биде погоден од штрајкови на 9 октомври во Милано, Комо и Монца и Бријанца, додека на 10 октомври во Фиренца вработените во трамвајската служба „Гест“ ќе штрајкуваат 24 часа.

Во Бари, штрајкот на вработените во Амтаб е закажан за 12 октомври, од 8:30 до 12:30 часот.

За 14 октомври е најавен регионален генерален штрајк во Тоскана, на кој повика ЦГИЛ, а ќе ги опфати јавниот и приватниот сектор во текот на целиот ден.

Железничкиот сообраќај ќе биде во прекин од 9:01 до 17 часот, додека локалниот јавен превоз ќе биде прекинат четири часа, во различни термини.

Од 15 до 16 октомври ќе биде прекинат поморскиот сообраќај во Неапол и Салерно поради штрајк на работниците од Централната управа на тиренските поморски пристаништа.

Истиот ден ќе биде погоден и локалниот јавен превоз во Фоџа, како и железничкиот товарен сообраќај во Ломбардија, поради штрајк на вработените во компанијата ДБ Карго Италија.

Особено голем број штрајкови се најавени за 16 октомври.

Тогаш ќе се одржи 24-часовен национален штрајк на екипажот на компанијата Изиџет (EasyJet), 24-часовен штрајк на персоналот на Сикуриталија ИВРИ на аеродромот во Венеција, четиричасовен штрајк на персоналот на ЕАВ во Неапол, 24-часовна мобилизација на вработените во компанијата Арива Италија во Бергамо, како и национален штрајк на пожарникарите од 10 до 14 часот.


На Сицилија, од 16 до 20 октомври е најавена блокада на услугите за превоз на товар за трети лица.

Кога станува збор за училиштата, штрајкови се најавени за 2, 16 и 30 октомври.

За 16 октомври е закажан целодневен национален штрајк на наставниците, раководителите и вработените во образовните установи, на кој повика синдикатот Сиса.

Меѓу барањата се зголемување на платите за 20 отсто за да се надомести инфлацијата и решавање на проблемот со несигурните работни ангажмани.

Месецот на штрајкови ќе заврши на 30 октомври со втор генерален штрајк, на кој повика синдикатот УСИ-ЦИТ и кој ќе трае во текот на целиот ден.

Штрајкот ќе ги опфати вработените во јавниот и приватниот сектор, вклучително и училиштата, додека од него се изземени воздушниот, железничкиот, локалниот јавен и поморскиот сообраќај.

Протестот е организиран против зголемувањето на воените трошоци и производството и извозот на оружје, како и во знак на поддршка на барањата на синдикатите.