[ВИДЕО] Експлодираше гасовод во близина на Дамаск; три термоелектрани не работат

Макфакс

01/10/2026

07:10

473

Големина на фонт

а а а

Голема експлозија на гасовод близу Дамаск предизвика исклучување на три термоелектрани и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Специјални екипи работат на санирање на штетите, а причините се поврзуваат со саботажа.

Синоќешната експлозија на гасовод јужно од сирискиот главен град Дамаск доведе до исклучување на неколку електрани, соопшти Сириската компанија за електрична енергија (SEC).

Од компанијата изјавија дека електраните „Деир Али“, „Насирија“ и „Тишрин“ биле исклучени од мрежата по експлозијата на гасоводот во близина на електраната „Тишрин“, со што бил прекинат доводот на гас неопходен за нивно функционирање.

„Пожарот што избувна по експлозијата сè уште гори“, соопштија од компанијата, додавајќи дека специјализирани екипи работат на санирање на последиците од инцидентот во близина на градот Ал-Отајба, југоисточно од Дамаск.

Исклучувањето на електраните привремено ќе го намали производството на електрична енергија и ќе ги продолжи прекините во снабдувањето поради недостиг на расположиви производни капацитети, наведе компанијата. Пред да бидат исклучени од мрежата, трите електрани ја снабдувале сириската електроенергетска мрежа со околу 60 мегавати електрична енергија, пренесе извор.

Жителите слушнале експлозија

Жителите на Гута, во близина на Дамаск, изјавија за агенцијата ДПА дека слушнале експлозија, по што виделе пламен во близина на Ал-Отајба. Тие не пријавија жртви, но напоменаа дека еден пат во близина бил затворен за сообраќај.

Портпаролот на Министерството за енергетика, Абдел Хамид Салат, изјави за државната новинска агенција САНА дека специјализирани екипи успеале да ги затворат вентилите за гас и да го изолираат оштетениот дел од гасоводот во близина на термоелектраната „Тишрин“.