Студентскиот дом „Стив Наумов“ е пуштен во употреба, обезбедувајќи современи услови за 1.150 студенти за живот и студирање. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со новите капацитети студентите добиваат европски стандарди и дека се работи на решавање на наследени проблеми.
Пуштен е во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“, 1.150 студенти добиваат современи услови за живот и студирање, соопшти денеска премиерот, Христијан Мицкоски.
„Можам само да кажам дека проблеми има, наследивме илјадници би рекол проблеми, секој ден решаваме по некој проблем, еве денеска сме тука да присуствуваме на ова навистина прекрасно издание, студентскиот дом „Стив Наумов“, 1150 студенти овде ќе ја градат својата студентска иднина“, рече тој.

Мицкоски додаде дека условите кои што денеска ги имаат студентите се навистина најдобри во регионот, можеби и пошироко.
„Навистина имаме европски услови, тоа кое што тие треба да го прават само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира и понатаму да го управуваат својот живот. Она кое што ние како Влада го правиме додека некои седат и од страна само критикуваат без аргументи, нема поголем аргумент од испораката на проекти и исправање на пропустите и грешките од минатото. За жал се илјадници. Работиме по приоритети, работиме врз основа на можностите кои што ги имаме на располагање. Голема благодарност до нашите партнери, Германската развојна банка, Европската Унија, голема благодарност до колегите од Владата, до вработените во студентскиот центар, во студентскиот дом тука, за трпението. Наеднаш ќе имаме 1.150 нови легла, капацитет што досега го немавме“, рече Мицкоски.




Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, информираше дека многу скоро ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите.
За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија.
Од МОН велат дека оваа инвестиција е дел од поширока програма која предвидува реконструкција на 9 државни студентски домови, 6 училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Вкупната инвестиција ќе чини 86 милиони евра, од кои 60 се заем од Германската развојна банка под исклучително поволни услови, 22 милиони се неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра се од буџетот на МОН.
















