Управата за јавни приходи и СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ потпишаа Меморандум за соработка за реализација на практична настава и едукативни активности за учениците, со цел да им се овозможи стекнување на практични знаења и појаснување на улогата на управата во даночниот систем.
Управата за јавни приходи и СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, Скопје денес потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредување на образовната, практичната и техничката соработка меѓу двете институции.
Меморандумот го потпишаа директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, и в.д. директорот на СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, Александар Мијоски.
Со Меморандумот се овозможува реализација на практична настава, учење преку работа и феријална практика во работните простории на Управата за јавни приходи, согласно важечката законска и подзаконска регулатива, програмите и насоките на Министерството за образование и наука, Центарот за развој на стручното образование и училиштето, како и согласно важечките наставни планови и програми, упатства и насоки за реализација на практичната настава.
Во рамки на соработката, УЈП, согласно своите расположливи кадровски, просторни, технички и организациски можности, ќе овозможи реализација на практична настава за 20 полнолетни ученици. Учениците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со работната средина и да стекнуваат практични знаења и искуства поврзани со нивното стручно образование.
Соработката предвидува и реализација на едукативни посети, презентации, предавања и работилници, преку кои учениците ќе имаат можност стекнатите теоретски знаења да ги поврзат со практичната работа, како и да се запознаат со функционирањето на даночниот систем и работата на Управата за јавни приходи.
Посебен акцент во соработката ќе биде ставен и на унапредувањето на фискалната едукација кај младите, преку едукативни активности насочени кон запознавање со значењето на даноците, јавните приходи и даночната одговорност, како и со улогата на Управата за јавни приходи во функционирањето на јавниот финансиски систем. На овој начин, учениците ќе имаат можност уште во текот на своето образование да стекнат дополнителни знаења и разбирања за значењето на фискалната одговорност и придонесот на секој граѓанин во општеството.
Потпишувањето на Меморандумот претставува чекор во унапредувањето на соработката меѓу институциите и образовниот сектор, со цел создавање можности за младите да стекнуваат практични искуства, да ги поврзуваат стекнатите знаења со практичната работа и да развиваат знаења и вештини значајни за нивниот понатамошен професионален развој.












