Не можат да зборуваат, но можат да сакаат: Настан за миленици и вдомување кучиња во Кисела Вода

Макфакс

30/09/2026

15:12

185

Големина на фонт

а а а

Општина Кисела Вода и претпријатието Лајка организираат настан во паркот Македонија посветен на миленици и вдомување кучиња, со програма која вклучува ветеринарни совети, грумерски услуги и кино проекција на отворено.

Општина Кисела Вода и Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници „Лајка“ – Скопје, ги повикуваат сопствениците и љубителите на животни на настан во сабота, на 03 октомври, во паркот „Македонија“ пред Домот на култура „Билјана Беличанец“.

„Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“

Под мотото „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“, настанот се организира во пресрет на Светскиот ден на животните. Дневната програма започнува во 11:00 часот, а просторот во паркот ќе претставува интерактивна зона за посетителите и милениците. Присутните ќе можат да добијат стручни совети од ветеринарен лекар за здравствената грижа и исхраната, додека професионални грумери ќе одржат практични демонстрации, консултации и шишање на кучиња. Во рамките на настанот предвидени се и содржини од пет-шопови, презентации на храна и реквизити. Исто така, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност на лице место да вдомат бездомни кучиња од стационарот на „Лајка“. Продолжението на програмата следува во вечерните часови, со почеток во 19:00 часот, на истата локација пред киното „Киноверзум“.

Кино проекција на отворено

Таму ќе се одржи кино проекција на отворено на филмот „Приказната за Силјан“, настан на кој граѓаните можат да присуствуваат во друштво на своите миленичиња.