Русите нудат 20 милиони долари за информација за овој човек: Украинците го чуваат во таен бункер

Точка

29/09/2026

21:27

744

Големина на фонт

а а а

Уредничката и новинарка на „Волстрит џурнал“ Џилијан Кеј Мелкиор, објави теренска анализа и репортажа од тајниот команден центар на украинските Сили за беспилотни системи во југоисточна Украина, во која го прикажува начинот на функционирање на оваа воена единица и ги пренесува предупредувањата на нејзиниот командант, мајорот Роберт „Маѓар“ Бровди, упатени до западните сојузници.

Авторката уште на почетокот нагласила дека изнесените податоци и воени статистики се засноваат на тврдења на украинската страна и дека, во услови на војна, не можат независно да се потврдат. Според наводите во текстот, Силите за беспилотни системи сочинуваат околу 2,5 отсто од вкупниот состав на украинската армија, но во изминатата година се одговорни за дури една третина од сите загуби што им биле нанесени на руските сили на бојното поле.


Командантот Бровди, некогаш успешен меѓународен трговец со жито, кој раководи со оваа единица од јуни 2025 година, објаснил дека во управувањето со воената единица применува деловен модел заснован на математика, прецизно планирање и максимално рационално користење на буџетот, притоа вклучувајќи и цивили во воената структура.

Поради високата ефикасност во уништувањето на жива сила и воена техника, украинските единици тврдат дека официјална Москва, преку постсоветски криминални мрежи, нуди награда од 20 милиони долари за информација за локацијата на Бровди. Покрај тоа, руски суд во отсуство го осудил на долгогодишна затворска казна под обвинение за тероризам.


Поради постојаните безбедносни закани, пристигнувањето на новинарката во командниот центар било организирано под строги мерки на тајност. Тие вклучувале превоз во возило со затемнети стакла, како и оставање на електронските уреди во Фарадеева торбичка – специјална заштитна футрола што ги блокира сите сигнали и го оневозможува следењето на локацијата.

На влезот во командниот центар се врежани имињата на 79 загинати припадници на единицата „Птиците на Маѓар“. Бровди во разговорот рекол дека за секој загинат украински војник, неговата единица исфрлила од строј 656 руски војници, додавајќи дека ниту тој сооднос не го смета за доволно добар.

Тој исто така додал дека од јули, кога започнала операцијата насочена кон енергетската инфраструктура, овие сили погодиле 412 цели под руска контрола.


Во сржта на украинскиот успех се наоѓа борбениот систем „Делта“, единствена дигитална мрежа што во реално време ги поврзува сите дронови, сензори и огнени позиции. Оперативниот модел се заснова на висок степен на децентрализација, при што командантот делегира околу 90 отсто од борбените одлуки на тимовите на терен, овозможувајќи им веднаш да реагираат на забележаните цели. Командата ја евидентира и анализира секоја мисија, а единицата дневно собира меѓу 10 и 12 терабајти податоци, кои ги обработува со помош на сопствени системи за вештачка интелигенција за побрз развој и приспособување на вооружувањето.

Во разговор со „Волстрит џурнал“, Бровди предупредил дека западните армии заостануваат зад современите закани поради бавната бирократија и погрешната стратегија на потрага по „најдобриот дрон“, кој застарува веднаш штом ќе излезе од производство. Наместо тоа, тој ја нагласил потребата од создавање приспособлив екосистем од евтини и функционални беспилотни летала.

Бровди предупредил и дека Русија ги споделува сознанијата стекнати на бојното поле со партнери како Кина, Иран и Северна Кореја. Тој укажал и на опасноста од асиметрични напади со комерцијални дронови врз цели на Западот, порачувајќи им на сојузниците дека мора итно да се подготват за вакви сценарија.

Фото: АФП