Шпанија продолжува да игра фудбал како по ноти и по крајот на Светското првенство, бидејќи неколку дена по трилер победата над Англија, ѝ одржа лекција на Хрватска на домашен терен.
„Црвената фурија“ предводена од Луис де ла Фуенте игра неверојатно добар и полетен фудбал, па така хрватската одбрана капитулираше по само 70 секунди.
„Коцкестите“ не ја допреа топката во воведот од мечот и веќе ја вадеа истата од својата мрежа, а спектакуларната акција на Шпанците со гол ја заокружи Ламин Јамал.
Ова беше најава за спектакуларната партија која ја имаше младата ѕвезда на Барселона во Севилја, бидејќи покрај воведниот гол, во продолжение постигна уште еден, а запиша и асистенција за голот на Пубиљ.
Хрватска се врати во игра со голот на Белјо за 1:1, но тоа беше мал инцидент, по кој Шпанците брзо се вратија во позитива. Пубиљ погоди за 2:1, Јамал со својот втор гол зголеми на 3:1, а конечните 4:1 ги постави Нико Вилијамс по уште една импресивна тимска акција.
Од истата група во Лигата на нации, свој натпревар одиграа Чешка и Англија, средба на која фаворитот успеа да слави 0:2 со головите на Гордон и Кејн.









