Властите во Фиџи прогласија здравствена вонредна состојба поради растот на бројот на заболени од ХИВ, со сериозно зголемување на нови инфекции во последните години и голем дел од заразите поврзани со употреба на контаминирана опрема за инјектирање дрога.
Властите на Фиџи прогласија национална здравствена вонредна состојба за справување со порастот на случаите на ХИВ, при што се проценува дека еден од 60 возрасни лица сега живее со вирусот.
Оваа одлука е донесена по неодамна објавените податоци на УНАИД кои покажаа значително зголемување на бројот на нови инфекции, со 2.016 нови случаи дијагностицирани во 2025 година – што е за 27 проценти повеќе од претходната година и 12 пати повеќе отколку во 2010 година, пишува Гардијан.
Според проценките на околу 930.000 жители на островот, 9.100 од нив сега живеат со вирусот.
Според извештаите, медицинскиот тим на Кесаја Туидраки тестирал 97 лица, претежно тинејџери, од кои еден од шестмина бил позитивен на тестот.
„Децата страдаат, децата умираат, и ако тоа не ве погоди вас, не знам што ќе ве погоди“, рече Туидраки.
Фиџиската влада прогласи вонредна состојба бидејќи само мал број жители се тестираат и имаат пристап до третман.
Џејсон Мичел, раководител на одделот за одговор на ХИВ на островската земја, рече дека може да бидат потребни помеѓу пет и десет години за да се стави вирусот под контрола и дека очекува бројот на заразени лица да се зголеми во меѓувреме.
Тој, исто така, изјави дека кризата е главно поврзана со употребата на наркотици, односно дека повеќе од 42 проценти од новите случаи во 2025 година биле предизвикани од споделување на контаминирани игли или опрема.







