Тажна вест ја потресе македонската јавност. Македонскиот пејач Маријан Стојаноски објави дека починал неговиот четиригодишен син Петар.
Веста Стојаноски ја сподели на својот профил на Фејсбук, без да открива детали за причината за смртта. Засега нема официјални информации за околностите под кои починало детето.

Маријан и неговата сопруга Наташа Стојаноска се родители на три деца – две ќерки и синот Петар. Семејството го чуваше својот приватен живот подалеку од очите на јавноста, а семејните моменти повремено ги споделуваа на социјалните мрежи.
Петар е роден во декември 2021 година. По неговото раѓање, Маријан со јавноста ја сподели радосната вест дека станал татко на син. Во мај годинава, Наташа објави семејна фотографија на која сопружниците се заедно со своите три деца, а Маријан под објавата напиша: „Ве сакам“. Во јуни таа сподели и фотографија од трите деца заедно.

Маријан и Наташа се долгогодишни партнери. Тие се свршија во 2019 година и во 2020 година стапија во брак, а пејачот низ годините ретко зборуваше за својот приватен живот.
Стојаноски е познат на македонската публика по својата долгогодишна музичка кариера и бројните фестивалски настапи. Тој е вработен во хорот на Националната опера и балет, а во последните години поретко се појавуваше во јавноста и поголем дел од времето го посветуваше на семејството.
Веста за смртта на малиот Петар предизвика бројни реакции и пораки со сочувство упатени до семејството Стојаноски во овие тешки моменти.








