Русија со нови напади со дронови врз Киев и Суми: двајца загинати и 23 ранети

Макфакс

27/09/2026

11:18

289

Големина на фонт

а а а

Русија продолжи со нападите со дронови врз украинските градови Киев и Суми, при што има повредени и загинати. Во нападите се оштетени инфраструктури и станбени објекти, а украинските власти се борат со последиците од овие напади.

Русија во текот на ноќта меѓу 26 и 27 септември повторно изврши напади со дронови врз Киев, трет ден по ред, при што е повредена една жена и причинета е материјална штета во повеќе делови од украинската престолнина, соопштија украинските власти.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека противвоздушната одбрана била активна над градот. Во Шевченковскиот округ дрон погодил ненаселена станбена зграда, по што избил пожар, кој подоцна бил ставен под контрола.

Во Соломјанскиот округ дрон паднал на отворен простор, а од ударниот бран била оштетена петкатна станбена зграда. Искршени биле прозорци и оштетена фасадата. Дрон погодил и магацин, каде што избил пожар.

Една жена била повредена во нападите и ѝ била укажана медицинска помош на местото на настанот.

Украинските власти претходно соопштија дека во дневните напади врз Киев на 26 септември биле повредени вкупно пет лица.

Напади биле извршени и врз градот Суми и околината, при што загинале две лица, а 23 се повредени, меѓу кои и четири деца. Според локалните власти, руските сили користеле и наведувани воздушни бомби.

Во нападите во Суми биле оштетени станбени објекти, градинки и административни згради, а на повеќе места избиле пожари.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека противвоздушната одбрана соборила голем број руски дронови, но дел од леталата сепак погодиле цели во повеќе делови од земјата.