Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, го критикуваше СДС и министерот Филипче поради хаосот во опозицијата, додека Владата работи на подобрување на условите во земјата и привлекување инвестиции.
Додека надлежните од власта работат на сите полиња што води кон подобри услови во државата за секој еден граѓанин, во опозицијата се случува хаос, кажа денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека премиерот Христијан Мицкоски деновиве има динамична агенда во САД, насочена кон привлекување нови инвестиции во Македонија, продлабочување на партнерствата со САД и НАТО и изнаоѓање начини за забрзување на процесот за членство во ЕУ.
„Во меѓувреме, во опозицијата наместо консолидирање и размислување што би им понудиле реално на граѓаните, се случува циркус. Од една страна Венко Филипче и талогот на СДС, од друга страна поранешни функционери на СДС, но и актуелни се поставуваат контра Филипче. И во сиот овој циркус, Филипче наместо да си ја гледа домашната работа, тој ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Се додека за Филипче само другите се виновни, СДС тешко дека може да се извлече од дното“, изјави пратеникот.
Петрушевски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се меша во внатрешните работи на СДСМ.
„На ВМРО-ДПМНЕ му одговара ваков СДС, а ВМРО-ДПМНЕ ниту сака, ниту има намера да се меша во нивната внатрешна работа. Единствено нешто што прави ВМРО-ДПМНЕ е спроведување проекти во интерес на граѓаните и државата“, рече Петрушевски.








