Во периодот јануари-јули 2026 година, Македонија ја посетиле над 740 илјади туристи, со значителен пораст на странските посетители. Министерството за култура и туризам ја истакна важноста на дигиталната агенда и вештачката интелигенција во развојот на одржлив туризам и најави натамошни активности за унапредување на туристичката понуда и квалитет.
Вкупно 741.446 туристи ја посетиле Македонија во првите седум месеци од 2026 година, при што е забележан пораст на бројот на странските туристи, соопшти Министерството за култура и туризам по повод 27 септември – Светскиот ден на туризмот.
Меѓу најбројните странски гости биле туристите од Турција, Германија, Србија, Романија и Албанија.
Од Министерството велат дека позитивните движења во туристичкиот сектор се поттик за продолжување на активностите за негов одржлив развој, унапредување на туристичката понуда и подобрување на квалитетот на услугите.
Овогодишната тема на Светската туристичка организација при Обединетите нации е „Дигиталната агенда и вештачката интелигенција за редизајнирање на туризмот“, со која се нагласува сè поголемата улога на технологиите и иновациите во туризмот, додека човекот и автентичното туристичко искуство остануваат во центарот.
Министерството посочува дека Владата го препознава туризмот како значаен фактор за економскиот и општествениот развој на државата, а целта е Македонија да се позиционира како препознатлива меѓународна туристичка дестинација преку промоција на културното и природното наследство, развој на квалитетни и одржливи туристички производи и услуги и примена на современи дигитални решенија.
„Вештачката интелигенција и дигитализацијата отвораат нови можности за поефикасно управување со туристичките дестинации, подобро планирање и создавање поиндивидуализирани, поинклузивни и поквалитетни туристички искуства“, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во соработка со приватниот сектор и сите чинители во туризмот ќе продолжат да создаваат услови за развој на современ и конкурентен туристички сектор, кој ќе ги следи светските трендови, но и ќе ги зачувува културните и природните вредности на земјата.
По повод Светскиот ден на туризмот, Министерството упати честитки до сите туристички работници и граѓани кои со својот труд, знаење и гостопримство придонесуваат за развојот и промоцијата на македонскиот туризам.












