[ФОТО/ВИДЕО] 28 години е на пат кон дома: Поминал речиси 50.000 километри, а му останала уште последната пречка

Точка

26/09/2026

16:09

621

Големина на фонт

а а а

Поминал пеш низ 26 земји од 1998 година, кога на 1 ноември ја започнал својата експедиција во Пунта Аренас, Чиле, со само неколку стотици долари во џебот. Се упатил кон север, кон својот дом, и повлекол линија на картата. Планот бил да помине низ четири континенти, замрзнати мориња, пустини, планини, џунгли и повеќе од 50.000 километри непознат терен.

По речиси три децении, Карл Бушби, поранешен припадник на падобранските единици од Кингстон апон Хал во Англија, се враќа дома.

Последната пречка на неговиот пат е Ла Манш, кој мора да го преплива, а екипа на „Скај њуз“ го посетила на белгиско-француската граница, по која моментално пешачи. Сè што поседува со години го турка во количка. Рекол дека таа количка поминала низ повеќе нешта отколку што некои луѓе доживуваат во текот на целиот живот.


„Се обидуваа да ми ја украдат, ја поправав, ја влечев низ пустини и преку планини“, му раскажал необичниот авантурист на новинарот. Тој во неколку наврати бил на работ на смртта.

Како еден од најопасните моменти го издвоил Дариенскиот премин (Darién Gap), огромна област со џунгли и мочуришта на границата меѓу Колумбија и Панама, каде што ФАРК, герилска организација, се борела против колумбиската држава.

„А дека е ’готово‘ помислив повеќепати и на Алјаска“, раскажал Карл, кого на северот го зафатила снежна бура додека преминувал преку карпа, а се соочил и со температура од -45°C додека барал дрвена колиба.


Но, тој се сеќава и на луѓето кои му помагале по патот. Му давале храна, пари и засолниште.

„Сум доживеал сè. Од луѓе кои живеат во пустините на Перу, до оние кои, кога си болен, те канат во својата импровизирана колиба. Ќе те пуштат во својот дом и ќе те нахранат со чинија ориз. Ќе ти помогнат да оздравиш. Ќе разменувате приказни“, се присетил Карл, кој признал дека е свесен оти неговото патување наскоро треба да заврши.


Емоциите, како што не крие, се измешани и ќе му биде тешко кога конечно ќе се врати дома. И самиот знае дека ќе мора да смисли нешто ново – нова мисија, нова борба и да пронајде нова страст.

На официјалната веб-страница на својата експедиција, која ја нарекол „Голијат“, наведува дека до 30 август 2026 година поминал 49.110 километри, а му преостануваат уште 900 километри.