Тврдеше дека Џеј Зи ја силувал кога имала 13 години, а сега призна: „Никогаш не сум го запознала“

Точка

26/09/2026

14:00

818

Големина на фонт

а а а

Жената која пред две години го тужела Џеј Зи за сексуален напад, сега целосно ги повлекла обвинувањата против него. Во нова изјава доставена до судот, таа навела дека нејзините тврдења не биле вистинити и дека никогаш не го ни запознала раперот.

Таа открила и дека, пред нејзиниот адвокатски тим да го наведе името на раперот во тужбата во декември 2024 година, им кажала дека има одредени „психички тешкотии“, пишува „Ролинг стоун“.

„Шон ’Џеј Зи‘ Картер никогаш не ме силувал. Никогаш не сум го запознала господинот Картер, ниту сум разговарала со него. Господинот Картер никогаш не се однесувал несоодветно кон мене“, напишала жената во изјавата на 11 страници, доставена до федералниот суд во Менхетен, во која „Ролинг стоун“ имал увид.


„Ништо од она за што го обвинив господинот Картер не е вистина“, додала таа во изјавата дадена под закана од казна за лажно сведочење. „Свесна сум дека моите лажни обвинувања му нанесоа на господинот Картер огромна болка, страдање и штета што никогаш не може целосно да се надомести“, истакнала жената.

Изјавата била доставена до судот во четвртокот, заедно со известување дека Картер доброволно се откажува од тужбата против жената. Сепак, тој и понатаму води постапка против адвокатот Тони Базби и неговата адвокатска канцеларија во Тексас поради, како што тврди, злонамерно поведување судска постапка. Жената нагласила дека за новата изјава никој не ѝ ветил ниту ѝ исплатил пари.

Новиот адвокат: Погрешила кога го обвинила Картер

„Нашата клиентка и понатаму тврди дека била жртва на сексуален напад, но целосно погрешила кога го посочила господинот Картер како сторител и тие обвинувања биле лажни“, изјавил Џејмс Блер Њуман Џуниор, нејзиниот нов адвокат.

„Господинот Картер не ја силувал, не ја нападнал сексуално, ниту се однесувал кон неа на каков било несоодветен начин, а таа никогаш не го ни запознала. Таа искрено и безусловно му се извинува на господинот Картер и на неговото семејство“, додал тој.


Новата изјава пристигна повеќе од една година откако Џеј Зи ги тужел жената и нејзините адвокати. Тој тврдел дека се обиделе да извршат притисок врз него за да прифати тајна финансиска спогодба, заканувајќи му се со сериозна штета на угледот доколку не го стори тоа.

Тужбата на раперот била одговор на постапката што истата жена ја повела во октомври 2024 година. Тогаш таа го обвинила Шон „Диди“ Комбс дека ја силувал кога имала 13 години, а тврдела дека ја нападнала и неименувана „машка славна личност“.

Џеј Зи тврди дека Базби во ноември 2024 година му испратил писмо со барање за спогодба. Откако Картер одбил да плати, во декември била изменета тужбата, во која Џеј Зи бил наведен како втор наводен сторител.

Џеј Зи: Се чувствував како да ми држат пиштол покрај главата

Раперот одлучно ги отфрлил обвинувањата веднаш штом тие станаа јавни. Тој открил и дека уште во ноември 2024 година, под псевдоним, го тужел Базби пред суд во Калифорнија поради наводна уцена. Во изјава дадена под заклетва навел дека неговото писмо го доживеал како „егзистенцијална закана“.

„Се чувствував како господинот Базби да ми држи пиштол покрај глава и дека морам или да ги прифатам неговите барања или да се соочам со лична и финансиска пропаст. Неговите постапки ми предизвикаа душевно страдање поради таа ’темпирана бомба‘ и она што таа би можела да ми го направи мене, на моето семејство и на угледот што тешко го стекнав“, напишал тој.


Жената на почетокот од 2025 година доброволно ја повлекла целата тужба против Картер и Комбс, откако се појавиле недоследности во нејзината приказна.

Судот подоцна ја отфрлил тужбата на Картер за уцена во Калифорнија, а таа одлука ја потврдил и Апелацискиот суд. Било заклучено дека писмото на Базби било заштитено бидејќи било испратено во рамки на подготовките за можна судска постапка.

„Во списите нема докази дека Базби, кога го обвинил Картер за силување, знаел дека тврдењата се лажни или дека не му било важно дали се вистинити. Напротив, Базби приложил изјави што покажуваат дека истрагите на неговата адвокатска канцеларија и партнерската фирма го навеле да верува дека обвинувањата се вистинити“, напишала судијката Ен Ричардсон.

По таквата одлука во Калифорнија, постапката на Картер против Базби во Њујорк е единствениот преостанат правен спор меѓу нив двајца поврзан со овој случај.

Базби: Ако сега вели дека лажела, тоа е нова информација

Базби во е-пошта што во четвртокот вечерта ја испратил до „Ролинг стоун“ изјавил дека сè уште не ја видел новата изјава на жената.

„Имаме повеќе адвокати кои работеле со госпоѓата Доу долго пред таа да ме запознае мене. На секој од нив им ја раскажала сосема истата приказна. Ако сега, од некоја причина, тврди дека нè лажела нас и судот, тоа е нова информација“, напишал тој.


Претходно за „Ролинг стоун“ тој изјавил и дека „испраќањето обично писмо со барање за спогодба пред поднесување тужба не е и никогаш нема да биде уцена“.

Жената во новата изјава подетално опишала како започнал целиот случај. Кон крајот на септември 2024 година, како што тврди, на Фејсбук наишла на оглас во кој се барале лица што имаат обвинувања за сексуален напад против Шон Комбс. Таа пополнила формулар, по што била контактирана и од неа биле побарани повеќе информации.

За време на разговорот рекла дека била модел и дека во 2000 година присуствувала на забава по доделувањето на наградите „Teen Choice Awards“. Меѓутоа, во тужбата подоцна било наведено дека станувало збор за забава по доделувањето на „MTV Video Music Awards“.

„Почнав да се сомневам дали воопшто сум била на забава со познати личности“

Жената сега тврди и дека првата тужба против Комбс била поднесена без нејзино знаење и дека адвокатите претходно не спровеле независна истрага за нејзините тврдења.

Таа навела дека адвокатите ѝ дале 1.200 долари во готовина кога во декември 2024 година отпатувала во Хјустон на интервју за „Ен-Би-Си Њуз“. Тврди и дека од неа било побарано да оди на полиграфско тестирање поради недоследностите во нејзината приказна, но вели дека никогаш не ги добила резултатите од тестирањето.

„Во јануари 2025 година почнав да се сомневам во моите тврдења против господинот Картер. Исто така, почнав да се сомневам дали воопшто некогаш сум била на забава со познати личности“, напишала таа.


Според нејзините зборови, откако им кажала на адвокатите дека повеќе не е сигурна во своите тврдења, тие ја известиле дека ќе ја повлечат тужбата.

Базби за „Ролинг стоун“ изјавил дека верува оти жената добила „малку пари“ за храна и патни трошоци. „Што се однесува до судските поднесоци, секој од нив детално ѝ беше објаснет на госпоѓата Доу, вклучувајќи го и првичното писмо со барање за спогодба. Таа претходно и самата го потврди тоа“, напишал тој.

Базби и неговите соработници побарале отфрлање на обвинувањата на Картер против нив, а неговата тужба ја нарекле „несоодветна“ и „злонамерна“. Адвокатите на Комбс одделно ги отфрлиле обвинувањата што жената ги изнела против него, наведувајќи дека тој „никогаш никого не нападнал сексуално ниту тргувал со луѓе“.