Ако сте меѓу возачите кои по првиот „клик“ на пиштолот на бензинската пумпа ја извлекуваат млазницата, ја менуваат нејзината положба и се обидуваат да наточат уште неколку децилитри гориво, можеби би требало да престанете со таа навика.
Иако изгледа сосема безопасно, токму тој прв автоматски прекин постои со причина. Продолжувањето со точење откако пиштолот првпат ќе се исклучи може да го оптовари системот за контрола на испарувањата од горивото, а во одредени случаи да доведе и до скап дефект. На овој проблем предупредува германскиот автомобилски клуб „ADAC“.

Зошто пиштолот воопшто го прекинува точењето?
Кога пиштолот на бензинската пумпа автоматски ќе го прекине дотокот на гориво, тоа не е случајност. Системот препознава кога горивото го достигнало соодветното ниво и го запира точењето за во резервоарот да остане доволно простор за ширење на горивото и неговите испарувања. Кај современите автомобили за бензинските испарувања е задолжен посебен систем за контрола на испарувањето на горивото, познат како „EVAP“ систем. Во него важна улога има филтерот со активен јаглен, кој ги задржува испарувањата од горивото и овозможува тие подоцна контролирано да се внесат во моторот и да согорат, пренесува „Autoblog.rs“.
Проблемот настанува кога по првиот клик се обидувате да наточите уште гориво во резервоарот. Тогаш течното гориво може да стигне до делот од системот кој е предвиден за бензински испарувања и да го натопи активниот јаглен. Тој дел од автомобилот не е направен за да биде исполнет со течно гориво.

Дефектот не мора да се појави веднаш
Она што ја прави оваа навика особено незгодна е фактот дека последиците не мора да бидат видливи веднаш.
Автомобилот може да продолжи да работи сосема нормално, а проблемот да се појави дури по одредено време, на пример кога ќе се запали предупредувачкото светло за моторот. Тогаш на возачот често не му е лесно да го поврзе дефектот со неколкуте дополнителни децилитри гориво што ги наточил неколку недели претходно. Секако, тоа не значи дека автомобилот сигурно ќе се расипе секојпат кога по првиот клик ќе наточите уште малку гориво. Меѓутоа, ако таквата навика се повторува со години, непотребно се оптоварува систем кој не е наменет за тоа.
А кога сепак ќе дојде до дефект, сметката во сервисот може да биде повеќекратно поголема од вредноста на тие неколку дополнителни децилитри гориво. Според наводите во текстот, поправката, во зависност од автомобилот и делот од системот што е оштетен, може да чини и неколку стотици евра, пишува „Auto klub“.

Затоа најдобро е да застанете по првиот клик
Иако многумина сакаат да го наполнат резервоарот „до врв“, нема потреба по првиот автоматски прекин да го извлекувате пиштолот, да го менувате неговиот агол или да се обидувате да наточите уште малку.
Едноставното правило гласи: кога пиштолот првпат ќе кликне и ќе го прекине дотокот, завршивте со точењето. Тие неколку дополнителни децилитри гориво нема значително да ви го зголемат досегот, но потенцијалниот проблем со системот за контрола на испарувањата може да предизвика многу поголем трошок.
И уште едно правило што вреди да го запомните на бензинска пумпа: ако сфатите дека сте наточиле погрешно гориво, не го стартувајте моторот за да проверите дали автомобилот сепак ќе тргне. Најбезбедно е веднаш да ја прекинете постапката и да побарате помош.
Значи, следниот пат кога ќе го слушнете добро познатиот „клик“, не обидувајте се да го надмудрите пиштолот. Тој токму тогаш го направил она за што е создаден.















