Роберто Карлос се исповеда: Лоши одлуки ме оставија без 99 проценти од заработката во фудбалот!

Дерби

25/09/2026

11:40

322

Големина на фонт

а а а

Роберто Карлос е легендарен дефанзивец и еден од најдобрите леви бекови во историјата на фудбалот, па иако заработи големо богатство во текот на својата кариера, сега самиот го посочи својот пример како лош за новата генерација.

Бразилецот го сподели своето искуство на фудбалскиот самит кој се одржува во Португалија, а на еден од панелите посветен за добро менаџирање на парите и вложувањата во бизниси, Роберто Карлос откри дека по крајот на кариерата го допрел дното и во еден момент имал нула на неговата сметка.

– Секогаш правев планови за животот и бев подготвен за крајот на играчката кариера. Потребно е да изградите своја приказна, а уште додека бев играч, мислев што ќе работам во иднина. Во моментот кога одлучив да се повлечам од фудбалот, веќе поседував лиценца да бидам спортски директор и соработував со многу брендови.

– За жал, по крајот на кариерата имав проблеми со луѓе на кои им верував, а токму тие луѓе ми ја испразнија мојата банкарска сметка. Поради агенти и семејни прашања, изгубив 99 проценти од се она што го заработив во фудбалот.

– Направив грешки и затоа сакам мојот пример да послужи како пример за младите спортисти. Сакам да ги поучам и да не ги прават истите грешки. Благодарение на „Entourage“ компанијата, успеав да си го реорганизирам животот и да се вратам на вистинскиот пат во поглед на финансии и семеен живот, – порачал Карлос.

Неконтролираното трошење, вербата во погрешни луѓе и вложувањето во лоши бизниси се проблеми кои засегаат голем број фудбалери по крајот на кариерите, па затоа Карлос ги советува новите генерации да побараат стручна помош и насоки од компании кои се занимаваат со финансиски менаџмент и претприемништво.