Германката Сабрина Витман, која во 2024 година стана првата жена на позицијата главен тренер во еден од трите најсилни ранга на машкиот фудбал во Германија, е сменета од функцијата шеф на стручниот штаб на Инголштат по лошиот почеток на сезоната.
Витман (35) го напушта Инголштат откако тимот на последните четири натпревари претрпе три порази, поради што се наоѓа на 13. место меѓу 20 екипи во третата лига, што дополнително ги намали шансите за пласман во повисок ранг.
Спортскиот директор на клубот Харалд Гертнер изјави дека по последните резултати и анализата на поширокиот развој на клубот била потребна „промена на насоката“.

„На човечки и личен план, оваа одлука беше многу тешка за нас“, додаде тој.
Витман изјави дека сакала да остане.

„Ќе бев многу среќна доколку продолжев да работам со екипата составена од исклучителни личности. За жал, довербата што е потребна за тоа повеќе не постои и клубот се одлучи за поинакво решение“, изјави таа.
Витман првично беше назначена за вршител на должноста тренер на четири натпревари во 2024 година, а постојан ангажман доби откако во тој период остана непоразена.







