Левица: Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за одредбите од Изборниот законик за пристапот до медиумскиот простор и распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање

Макфакс

24/09/2026

11:40

126

Големина на фонт

а а а

Левица истакнува дека Уставниот суд одби да поведе постапка за спорните одредби од Изборниот законик кои се однесуваат на пристапот до медиумскиот простор и распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање, поради што спорот за одредбите продолжува, поврзувајќи ја ситуацијата и со европската судска пракса.

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за одредбите од Изборниот законик со кои се уредуваат пристапот до медиумскиот простор и распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање, истакнуваат од Левица.

Иницијативата на Левица овие одредби, појаснуваат од партијата, ги оспоруваше како дискриминаторски, затоа што создаваат систем во кој политичките субјекти не влегуваат во изборната трка под еднакви услови, туку едни однапред добиваат привилегиран пристап до јавни пари и медиумски простор, додека Левица е исклучена и од распределбата на јавните средства и од можноста воопшто да користи платено политичко рекламирање.

Наместо да ја отвори оваа суштина на еклатантна дискриминација и практична цензура, мнозинството уставни судии, додаваат од Левица, повторно се фати за сопственото претходно одлучување и заклучи дека нема основа ни да поведе постапка.

„Со други зборови, пред Судот беше поставено едно од најелементарните прашања на изборната демократија: Може ли државата со јавни пари да произведува различна политичка видливост за партии кои се натпреваруваат за истиот глас, па дури и до степен некој да биде тотално исклучен од таа можност? Уставниот суд одлучи ова прашање повторно да го заклучи во фиока.

Во оваа прилика, “истакнатите правници“ од Уставниот суд, ќе ги потсетиме на европската судска практика на која укажа и лидерот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев во колумната „Доследни на недоследноста“. Затоа што она што нашите уставни судии во 2026 година не сакаат суштински да го преиспитаат, европското правосудство го препознало како проблем уште во 1986 година.

Во прочуениот предмет C-294/83, Les Verts v European Parliament, Судот на правдата на ЕУ, се занимавал со нефер модел на распределување буџетски средства поврзани со европските избори. Судот не дозволил институционалниот формализам да ја проголта суштината – правилата за изборната конкуренција не смеат да произведуваат неоправдано различен третман меѓу политички конкуренти. Оттаму европската јуриспруденција го развива и принципот на еднаков третман на политичките партии во изборната кампања. А дополнително наведува и дека недискриминацијата не се однесува само на забрана на директна нееднаквост (на пример, експлицитна забрана за финансирање на една политичка партија врз основа на идеологија), туку и на потребата да се спречат системски механизми што создаваат de facto дискриминација или фаворизирање на доминантните партии. И како авторитативен правен стандард и задолжително начелно правно мислење (лат. opinio iuris) се проширува концептот на системска недискриминација и се наведува дека секое ограничување на пристапот до ресурси, медиуми или партиципација во изборниот процес може да биде толкувано како форма на дискриминација спротивна на принципите на оваа Пресуда.

Значи, пред четири децении европски судии разбрале дека демократијата се извитоперува кога оние што веќе располагаат со институционална моќ добиваат и системска предност во ресурсите со кои ќе ја задржат таа моќ. Во 2026 година македонскиот Уставен суд гледа законски модел што дели јавни пари и медиумска видливост меѓу политички конкуренти и одлучува дека нема причина повторно да ја отвори уставната расправа. Тамошните судии го препознале проблемот во аналогна правна конструкција во време кога Берлинскиот ѕид сè уште стоел, но нашите “чувари на Уставот“ четириесет години подоцна решија дека највисокиот дострел на уставносудската мудрост е да се повикаат на сопствената стара одлука“.

Со вчерашното гласање, оценуваат од оваа партија, не заврши правниот спор. Според Левица, кога македонската уставна правда ќе одлучи дека политичката нееднаквост не заслужува ни полновредна уставносудска проверка, предметот само го запечатува патот кон Стразбур. „Ако Македонија еден ден добие европска пресуда затоа што дури ниту нејзините највисоки чувари на уставноста не препознале проблем кој европската судска мисла го отвора уште од осумдесеттите години, тоа ќе остане како траен професионален срам за една генерација македонски правници кои имаа Устав пред себе, европска јуриспруденција зад себе, укажувања од институции и очигледна политичка нееднаквост пред очи, а сепак избраа да не ја видат“.