Дваесет години откако ја освои публиката со топлината и хаосот на едно необично семејство, култниот божиќен филм се враќа на големото платно. Истата екипа повторно ќе седне на празничната трпеза, но овојпат ги очекува изненадување кое би можело да промени сè.
Студиото „Searchlight Pictures“ официјално го потврди она по кое обожавателите со години копнееја – продолжението на омилената божиќна комедија „The Family Stone“ од 2005 година конечно е во подготовка. Филмот го доби и официјалниот наслов „The Families Stone“, а најголемиот дел од оригиналната актерска екипа се враќа во своите стари улоги.
Старата екипа повторно заедно
Режисерот и сценарист на оригиналниот филм, Томас Безуча, се враќа на двете позиции и во продолжението. Покрај него, во проектот се враќаат и Рејчел Мекадамс како Ејми Стоун и Сара Џесика Паркер во улогата на Мередит Мортон, ликот кој во 2005 година ја започна целата приказна.
Друштво им прават и Дермот Малрони, Крег Т. Нелсон и Лук Вилсон, додека на актерската екипа ѝ се придружуваат и Тајрон Џордано, Елизабет Ризер, Пол Шнајдер и Брајан Вајт.
Според официјалниот синопсис, дејството се одвива дваесет години по смртта на мајката на семејството, кога Стоунови повторно се собираат за Божиќ. Изненадувањето на сезоната овојпат доаѓа од таткото на семејството, кој без најава ја доведува жената во која се вљубил, со што целото семејство е исфрлено од колосек, токму онака како што му прилега на вистинскиот божиќен хаос.

Големо ново име во актерската екипа
Актерската екипа дополнително ја засилува Жан Смарт, добитничка на бројни награди „Еми“, позната по улогата во серијата „Hacks“, чиј лик засега се чува во тајност. Нејзиното пристигнување во франшизата предизвика голем интерес кај медиумите, со оглед на тоа што станува збор за една од најценетите актерки на денешницата.
Единствената која нема да се врати е Дајан Китон, која во оригиналниот филм го толкувала ликот на мајката на семејството, Сибил Стоун. Актерката почина минатата година, а Безуча претходно признал дека оваа вест лично длабоко го погодила токму додека работел на сценариото за продолжението, бидејќи со месеци „престојувал“ во светот на ликот што го изгубил и во реалноста.
Потсетување на филмот кој ја освои публиката
Оригиналниот „The Family Stone“ од 2005 година, снимен со буџет од само 18 милиони долари, во кината заработил речиси 93 милиони долари и со текот на времето прераснал во вистинска божиќна класика. Приказната ја следи бизнис-жената Мередит, која доаѓа да го запознае ексцентричното семејство на својот партнер Еверет токму во најинтензивниот празничен период.

Датумот на премиерата на продолжението засега не е објавен, но со оглед на собраната актерска екипа и емотивниот контекст во кој настанува, „The Families Stone“ веќе сега има сите предуслови да стане еден од најочекуваните божиќни филмови.









