Тејлор Лотнер, кого светската публика го запозна како Џејкоб Блек во филмската сага „Самрак“, ја доби можеби најважната животна улога.
34-годишниот актер и неговата сопруга Теј Лотнер за првпат станаа родители, а среќната вест ја споделија на Инстаграм.
Парот доби девојче на кое ѝ го дале името Ленон Тејлор Лотнер, а веќе го добила и симпатичниот прекар Лени.
„Една недела љубов кон нашата слатка мала Лени“, напишаа тие покрај првата фотографија од новороденото девојче и открија дека дошла на свет на 16 септември. Веста ја објавија една недела по нејзиното раѓање.
Името на девојчето е особено интересно поради шегата која со години ги следи Тејлор и неговата сопруга.
Теј Лотнер, родена како Тејлор Доум, по венчавката во 2022 година го зела презимето на својот сопруг, па брачниот пар денес всушност се вика Тејлор Лотнер и Тејлор Лотнер. За пријателите полесно да ги разликуваат, актерот останува Тејлор, додека неговата сопруга го користи скратеното име Теј.
Поради тоа, уште за време на бременоста се шегувале дали и нивното дете ќе го добие истото име.
Кога во март објавија дека го очекуваат своето прво дете, покрај фотографиите од ултразвукот напишаа: „Што е подобро од двајца Тејлор Лотнер?“
На крајот, името Тејлор ѝ го дале како средно име, па Ленон Тејлор Лотнер на многу симпатичен начин ги носи имињата на двајцата родители.
Парот во јуни откри дека го очекува своето прво девојче, а веста особено го разнежи актерот.
Лотнер тогаш призна дека отсекогаш имал голема желба еден ден да стане татко на девојче.
„Секако, само сакав да имам здраво дете, но длабоко во себе, токму ова беше моментот за кој сонував“, напиша тој по откривањето на полот на бебето.
Тој исто така кажа дека чувството на олеснување кога дознал дека желбата ќе му се оствари било поинакво од сè што дотогаш доживеал.
Љубовната приказна на Тејлор и Теј започнала кон крајот на 2017 година, а за тоа е заслужна помладата сестра на актерот, Макена Мур.

Токму таа била убедена дека ја пронашла идеалната девојка за својот брат и, според неговите зборови, му рекла: „Ја пронајдов твојата идна сопруга. Мораш да ја запознаеш оваа девојка“.
Таа организирала вечер со друштвени игри на која се запознале, а се покажало дека проценката на сестрата била прилично добра.
Парот се свршил во 2021 година, а во ноември 2022 година се венчале на имот во Калифорнија.
Теј работела како медицинска сестра, а денес со својот сопруг го води поткастот „The Squeeze“, во кој разговараат за менталното здравје и личните искуства.
По објавувањето на бременоста, Теј признала дека почувствувала олеснување кога конечно можеле да ја споделат веста со јавноста. Се грижела информацијата да не протече пред самите да ја објават, па затоа ѝ било особено важно бременоста да ја откријат под свои услови.
Во текот на последното тримесечје отворено зборувала и за промените низ кои поминувало нејзиното тело. Во поткастот „The Squeeze“ раскажала дека за време на бременоста се здебелила околу 23 килограми, имала отоци и стрии, а истакнала и дека жените треба да добиваат многу повеќе признание за сè низ што поминува нивното тело за време на бременоста.
Сега бременоста е зад неа, а во домот на Лотнерови започнало едно сосема ново поглавје.