Скопјанец ја следел партнерката и ѝ испраќал пораки, маж во Гостивар ја претепал мајка си: пријавени неколку случаи на семејно насилство

Макфакс

22/09/2026

13:50

160

Големина на фонт

а а а

Во повеќе градови во ширум земјава се пријавени случаи на семејно насилство, вклучително следење и физички напади, што полицијата ги документира и презема конкретни мерки против сторителите.

Во Полициската станица Кисела Вода вчера во 16:40 часот полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со П.Ј.(35) од Скопје. Полицијата постапила по претходна пријава од неговата 25-годишна поранешна партнерка дека ја следел и ѝ испраќал пораки, а исто така дека под нејзиното возило пронашла уред за следење. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Истиот ден околу 16:30 часот во СВР Скопје, 46-годишна жена пријавила дека Г.Г., пријател на нејзиниот вонбрачен партнер, телефонски ѝ упатувал закани со цел да ја повлече пријавата што таа претходно ја поднела против нејзиниот вонбрачен партнер. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   
  

На 21.09.2026 во 22:20 часот во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишија од слобода Д.Р.(31) од Кочани, постапувајќи по претходна пријава од неговата 18-годишна вонбрачна партнерка дека околу 21:00 часот физички ја нападнал во домот. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Утрово во 00:05 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Х.Ф.(41) од Гостивар, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом, под дејство на алкохол, агресивно се однесувал кон неговата 63-годишна мајка, а фрлал и остри и други предмети од покуќнината кон неа и ѝ нанел повреди. Х.Ф. е задржан во полициска станица и при преземање мерки му биле измерени 1,54 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.

Од СВР Куманово известуваат дека утрово во 00:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода В.З.(29) од Куманово, затоа што физички го нападнала нејзиниот  вонбрачен сопруг. Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против неа ќе следува соодветна пријава.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Ф.Р.(40) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. На 02.09.2026 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата партнерка и ѝ упатувал закани.