Филипче: Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со изолацијата на Македонија

Макфакс

22/09/2026

14:00

200

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче обвинува дека Христијан Мицкоски со својата изолационистичка политика ги загрозува националниот идентитет и највисоките национални интереси на Македонија, предупредувајќи дека тоа води до економска изолација и одлив на млади од земјата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Христијан Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со изолационистичката политика на Владата, укажувајќи дека таквата политика ги загрозува и највисоките национални интереси на државата.

„Христијан Мицковски вели ги штител националните интереси и идентитетот. Така му е изјавата. Ќе ја цитирам претседателката Сиљановска Давкова: „Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет“. Е што штити Христијан Мицковски сега кога претседателката кажува дека е потврден идентитетот со Преспанскиот договор. Вистината е едноставна. Лаже пак како што лаже со години наназад дека ќе го враќаше името, дека ќе го поништуваше Преспанскиот договор, дека ќе го поништуваше и репреговараше договорот со Бугарија. Ништо не направи, ниту пак сега нешто прави. Оваа власт не само што не ги брани, ги загрозува националните интереси. Затоа што наши највисоки национални интереси, меѓу другото, во рамките на тоа е и интеграцијата во Европската унија. Еве сега гледаме како да се живее во изолација“, порача Филипче.

Филипче посочи дека изолацијата влијае на економската состојба во државата, обвинувајќи ја власта дека зема скапи кредити наместо да се користат европски неповратни средства.

„Презадолжени сме, буџетот е во катастрофална состојба. Се земаат скапи кредити затоа што ги затворија вратите за европските грантови кои се неповратни средства. Се задолжуваме за да трошиме и никако за капитални инвестиции или капитален раст. Оваа економска политика заедно со оваа изолационистичка политика во име на лажен патриотизам на Христијан Мицкоски нас не води во пропаст. ВМРО и Христијан, црвените линии ги користат за богатење лично и за лажен патриотизам, а ние ќе ги користиме за напредок на државата и за благосостојба на сите граѓани. Затоа што вака во изолација е вака се губи идентитетот. Што ќе се случи? Ќе избегаат младите, ќе земат бугарски пасоши и сите ќе заминат од земја. Гледајте колку илјадници деца помалку има запишано оваа година во прво одделение. Кај се тие млади родители во Европа? Веројатно огромен број од нив се бугарски пасоши. Христијан Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со оваа изолационистичка политика и тоа светот веќе го знае и затоа му покажува кај му е местото со такви маргинални состаноци во Америка“, порача Филипче.