Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) предупреди дека, во случај на нов американски напад врз Иран, значително ќе го промени начинот на спроведување на одбранбените и противофанзивните операции, вклучително и подрачјето на кое би се воделе борбите, изборот на цели и видот на оружјето што би го користела.
Портпаролот на ИРГЦ, Хосеин Мохеби, најави дека Иран во евентуална нова фаза на конфликтот би употребил оружје со способности кои досега не биле видени на бојното поле.
„Овие промени ќе вклучуваат промена на географијата на војната, како и промена на оружјето и воената опрема“, изјави Мохеби во разговор за иранските медиуми.

„Ќе воведеме ново оружје на бојното поле со нови способности и светот ќе биде запрепастен“, истакна тој.
„Имаме нови цели“
Мохеби предупреди и дека во случај на нов напад би се променил изборот на иранските цели.
„Нашите цели повеќе не се нужно истите како порано. Имаме нови цели кои сè уште не биле погодени“, изјави тој.
Портпаролот на Револуционерната гарда не откри за какво ново оружје станува збор, ниту ги наведе локациите на потенцијалните нови цели.

Според неговите зборови, Иран одредени видови оружје ги произвел и пред и за време на конфликтот, а нивните способности континуирано се унапредуваат. Мохеби тврди дека дел од тој арсенал не бил употребен во досегашните фази на војната, опишувајќи го како иранско „стратешко оружје“.
„Доколку дојде до нова агресија, дефинитивно ќе дојде до значителни промени во нашата одбрана и противофанзива“, нагласи Мохеби.
ИРГЦ тврди дека е подготвен за долготраен конфликт
Мохеби исто така порача дека ИРГЦ смета оти конфликтот не е завршен, туку минува низ различни фази.
„Од наша перспектива, тоа е истата војна“, рече тој, додавајќи дека Револуционерната гарда се подготвила за можноста за долготраен конфликт и дека сега, како што тврди, е поподготвена за такво сценарио отколку порано.

Неговите изјави доаѓаат во момент на нови тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Иранските вооружени сили претходно соопштија дека располагаат со информации според кои Соединетите Американски Држави би можеле да подготвуваат нова воена акција против Иран. Меѓутоа за овие тврдења Иран јавно не презентираше докази.
Фото: Форин полиси, АФП, Ројтерс












