Саудиска Арабија претстави необични електрични автомобили

Точка

22/09/2026

15:53

357

Големина на фонт

а а а

Саудиската автомобилска компанија „Ceer Automotive“, основана во 2022 година како заедничко вложување на саудискиот инвестициски фонд „PIF“ и тајванскиот производител „Foxconn“, ги претстави своите први два модели – електричен СУВ и лимузина наречена „Exobot“.

Компанијата е основана во рамките на саудискиот план „Vision 2030“, чија цел е диверзификација на економијата и намалување на зависноста на земјата од нафтата.

Двата модели имаат радикален, клинест дизајн, голем стаклен покрив и врати во форма на галебови крилја. Автомобилите немаат Б-столбови, додека внатрешноста комбинира централен екран чувствителен на допир со физички копчиња.


Шефот на „Ceer“, Џејмс Де Лука, изјави дека врз дизајнот директно влијаел саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој воедно е и претседател на „PIF“.

„Нудиме нешто што светот никогаш досега не го видел – а кога ќе ги лансираме овие автомобили, светот ќе го забележи тоа“, изјави Де Лука.

СУВ-моделот ќе биде наменет и за возење по пустински терени, додека врвните верзии на „Exobot“ ќе располагаат со повеќе од 1.100 КС и ќе забрзуваат од 0 до 62 милји на час за 2,1 секунди. Во развојот ќе учествуваат и компаниите „BMW“, „Rimac“ и „Hyundai Transys“.


Сериското производство треба да започне во јануари 2027 година, а првите испораки до купувачите се очекуваат во март.

„Ceer“ планира до 2028 година да ја прошири понудата со уште неколку модели, вклучувајќи лимузина од Д-сегментот, СУВ и купе-СУВ. Компанијата во моментов е насочена кон пазарот на Саудиска Арабија и земјите од Заливот, но идните модели ќе бидат развиени така што ќе можат да се приспособат и за глобалните пазари.

Компанијата отвори фабрика во Економскиот град Крал Абдула на западниот брег на Саудиска Арабија. Таму се гради и фабрика на американскиот производител на електрични возила „Lucid“.


Де Лука изјави дека „Ceer“ има целосно финансиран деловен план до 2040 година и дека компанијата очекува да создаде околу 30.000 директни и индиректни работни места.

„Не основаме само автомобилска компанија, туку создаваме цела индустрија“, изјави Де Лука.