Расте бројот на повредени во Турција: приведени мајката, таткото и дедото на малолетниот напаѓач

Макфакс

22/09/2026

13:10

229

Големина на фонт

а а а

По наоружениот напад што се случи пред средно училиште во округот Тургутлу, во покраината Маниса, Турција, во кој беа повредени 11 ученици, од кои двајца добија тешки повреди, министерот за правда на Турција, Акин Гурлек, објави дека по пукањето во училиштето, мајката, таткото и дедото на малолетниот напаѓач се приведени.

Министерот за здравство Кемал Мемишолу објави дека сите 11 повредени сè уште се на болничко лекување и дека лекарите ја следат нивната здравствена состојба, јавуваат турските медиуми.

„Вооружениот напад што се случи во близина на едно од нашите училишта во округот Тургутлу во Маниса длабоко нè потресе сите. Единаесет повредени лица продолжуваат да се лекуваат во нашите болници и внимателно ја следиме нивната здравствена состојба“, рече Мемишола.

Тој им посака брзо закрепнување на сите повредени и изрази поддршка на граѓаните погодени од овој инцидент.

Министерот за правда Акин Гурлек изјави дека ниту еден пропуст што ја загрозува безбедноста на децата нема да остане неказнет.

Вооружениот напад што се случи пред училишната зграда, на улицата каде што одат на училиште нашите ученици, во населбата Тургутлу во Маниса, во кој беа повредени 11 ученици, од кои двајца сериозно, длабоко нè потресе – рече Гурлек.

Тој додаде дека веднаш по инцидентот е покрената сеопфатна истрага предводена од Главното јавно обвинителство во Тургутлу, со вклучување на двајца јавни обвинители. Малолетниот напаѓач набрзо е пронајден и приведен.

Турското Министерство за национално образование објави дека сите надлежни служби, вклучувајќи ги безбедносните сили и здравствените работници, се ставени во состојба на готовност од првиот момент, додека истрагата за околностите на нападот е во тек.