Собранието и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка за примена на вештачката интелигенција

Макфакс

22/09/2026

12:10

140

Големина на фонт

а а а

Собранието и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка насочен кон дигитализација на собраниските процеси и развој на решенија со вештачка интелигенција, со цел подобро и поефикасно користење на податоците и капацитетите на Собранието.

Во Собранието денеска беше потпишан Меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Соработката е насочена кон унапредување на дигитализацијата на собраниските процеси и развој на решенија засновани на вештачка интелигенција, со цел поефикасно користење на податоците, документите и знаењето со кои располага Собранието.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши истакна дека оваа соработка претставува важен чекор кон модернизација и дигитализација на работните процеси на Собранието, кое располага со значајни податоци, знаења и капацитети.

Појасни дека целта е да се обединат собраниските капацитети за вештачката интелигенција да го најде своето место во работата на Собранието, на одговорен и безбеден начин. Тој додаде дека во рамките на соработката ќе се работи на подготовка, стандардизација и анализа на собраниските документи, стенограмите и аудиовизуелните материјали, со цел тие да можат да се обработуваат и користат со помош на алатки засновани на вештачка интелигенција.

Проф. Димитар Трајанов – раководител на проектот „Везилка“ и проф. Петре Ламески – декан на ФИНКИ истакнаа дека партнерството со Собранието претставува можност научното и академското знаење да се поврзе со реалните потреби на една од клучните институции во државата. Тие посочија дека преку проектот „Везилка“ ќе се работи на развој и примена на современи решенија од областа на вештачката интелигенција, при што посебно значење ќе има подготовката и структурирањето на податоците потребни за нивна ефикасна примена.

„Примената на новите технологии ќе се одвива со почитување на највисоките стандарди за безбедност и доверливост при обработката и користењето на податоците, со цел помодерно, поефикасно и потранспарентно Собрание, но и конкретен чекор кон остварување на визијата за институција која ја користи технологијата за подобро да им служи на граѓаните. Во рамките на проектот ‘Везилка’, чиј носител е ФИНКИ, предвидено е активностите да се реализираат во периодот од април 2026 до март 2029 година“, соопштија од собраниската прес-служба.