Зајакнати контроли: Казнети 10.411 возачи на мотори, велосипеди и електрични тротинети

Макфакс

22/09/2026

11:48

164

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи спроведе зајакнати контроли на возачи на мотори, велосипеди и електрични тротинети, при што се казнети над 10.000 прекршоци и одземени голем број возила како дел од мерките за подобрување на сообраќајната безбедност.

Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи во периодот од мај до август 2026 година спроведе зајакнати акциски контроли на целата територија на државата, насочени кон прекршоците сторени од возачи на електрични тротинети, велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.

Во рамки на контролите, полициските службеници констатираа вкупно 10.411 прекршоци, од кои 1.571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а 8.806 на мопеди, мотоцикли и трицикли.


Најголем број прекршоци, вкупно 7.303, се однесуваат на некористење заштитен шлем – кацига. Констатирани се и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување нерегистрирани возила и/или возила без полиса за осигурување и 322 за некористење рефлектирачки елек.

Дополнително, евидентирани се 81 прекршок за управување од лице помладо од 18 години, 45 за управување под дејство на алкохол и 1.541 прекршок од друг вид.

Покрај прекршоците, во текот на акциските контроли откриени се и 619 кривични дела. Од нив, 604 се однесуваат на управување без возачка дозвола, 14 на управување под дејство на алкохол и едно на управување во забранет правец.

Во рамки на преземените мерки, одземени се вкупно 423 превозни средства, од кои 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.

„Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите сообраќајни контроли, со посебен акцент на прекршоците и однесувањата што ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Целта е навремено откривање и санкционирање на прекршувањата на прописите, спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи“, велат надлежните.

МВР апелира до сите возачи ги почитуваат сообраќајните правила, да користат пропишана заштитна опрема, да не управуваат под дејство на алкохол и да не управуваат возила без исполнување на законските услови. Особено се повикува на внимателност и одговорност кон пешаците и останатите учесници во сообраќајот.