Познатата американска актерка Кристина Еплгејт (54) објави видео и фотографии на социјалните мрежи на кои покажа како изгледа откако минатиот месец ја напушти болницата.
Во болница поминала четири месеци поради компликации поврзани со мултипла склероза (МС), а со новата објава им се заблагодари на сите кои ѝ пружале поддршка во текот на тешката здравствена битка.
Во видеото објавено во понеделникот, актерката ја покажа новата фризура и бојата на косата, но откри и дека забележала промени во пигментацијата на кожата.
„Свежо обоена коса и нова чудна дамка на мојот образ. Ти благодарам, Дејв Стенвел, што ми го разубави овој мрачен ден. Те сакам и ви испраќам љубов на сите вас“, напиша Еплгејт во описот на видеото.
На својата Инстаграм приказна таа сподели и фотографија на која позира со нови руси прамени.
Актерката се вратила дома на 4 август, по неколкумесечен престој во болница. „ТМЗ“ во април објави дека кон крајот на март била примена во болница во Лос Анџелес.
За хоспитализацијата на 20 април се огласи и самата актерка преку Инстаграм: „Ви благодарам за огромната љубов и убавите желби. Здравствените проблеми се моето секојдневие, но јас сум силна и секој ден станувам сè подобра. Ќе одвојам малку време за да се посветам на здравјето, но наскоро се враќам со нови новости“.
По кратката пауза, Еплгејт во јули се огласи со објава со својата 15-годишна ќерка Сејди, која ја доби во бракот со Мартин Ленобл, а неодамна сподели и фотографија од натписот „Добредојде дома“ што ѝ го подготвила ќерка ѝ за нејзиното враќање.
Во 2021 година актерката објави дека ѝ е дијагностицирана мултипла склероза, опишувајќи го тоа како „чудно патување“. Мултипла склерозата е хронична болест при која имунолошкиот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервите.
„Добив голема поддршка од луѓето кои се борат со истата состојба. Патувањето е тешко, но, како што сите знаеме – патувањето продолжува“, изјавила таа тогаш.

Актерката зад себе има и борба со ракот на дојката, поради што во 2008 година се подложила на двојна мастектомија.











