Семејствата на жртвите во автобуската несреќа кај Ласкарци реагираат на одлуката на Врховниот суд за укинување на пресудата и бараат конечна и правична разрешница, истакнувајќи ја потребата од доверба во правосудниот систем и правда заснована на факти.
Семејствата на жртвите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци реагираа на одлуката на Врховниот суд со која е укината пресудата за обвинетите за трагедијата и предметот е вратен на повторно одлучување пред Апелациониот суд. Тие велат дека одлуката ја примиле со неверување и силно чувство на неправда и дека таа дополнително ја поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Во соопштението до медиумите, семејствата наведуваат дека одлуката и нејзиното образложение досега не им биле официјално доставени.
„Сметаме дека ваквата одлука дополнително ја поткопува и онака сериозно нарушената доверба на граѓаните во правосудниот систем. Ова не претставува само неуспех на правосудниот систем, туку и сериозен удар врз целото општество“, се наведува во соопштението.
Тие потсетуваат дека од трагедијата поминале повеќе од седум години, а судскиот процес трае шест години и досега се одржани повеќе од 150 рочишта.
„Ваквата одлука повторно ги оживува болните спомени и трауматични сеќавања од трагичниот настан и дополнително го одложува донесувањето на правична судска одлука за жртвите, повредените и нивните семејства, кои со години чекаме на конечна и правична разрешница“, велат семејствата.
Во соопштението посочуваат дека трагедијата оставила тешки и долготрајни психолошки и здравствени последици, а дел од родителите кои ги загубиле своите деца не ја дочекале конечната судска разрешница.
„Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, порачуваат тие.
Семејствата бараат правда заснована на фактите и доказите изнесени во судскиот процес, без натамошно одолговлекување и без компромиси во утврдувањето на одговорноста.
„Законот мора да важи еднакво за сите, а правдата мора да биде достапна за секој граѓанин“, се наведува во соопштението.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа тешко повредени.












