Првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, во која во пожар загинаа 63 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, поднел гаранција за да излезе од затворски притвор.
Гаранцијата е во висина од 200 илјади евра во недвижен имот. Барањето најпрво ќе биде доставено на мислење до Основното јавно обвинителство, по што ќе биде вратено во судот на одлучување.

Инаку, на Јованов по сила на закон притворот му истекува на 3 октомври, бидејќи тогаш поминува една година од оценката на обвинителниот акт.
Неговата бранителка Ивана Коцевска на последното судење, кога најави дека ќе поднесат гаранција, рече дека одбраната има намера да покаже пред јавноста дека првообвинетиот нема да бега од правдата.








