СДСМ бара минимална плата од 600 евра, според новите податоци за синдикалната кошничка од речиси 70.000 денари. Партијата ја критикува Владата за недоволни мерки и потенцира дека растот на трошоците го притиска животниот стандард.
Власта има за авион и ди-џеј, но нема за работникот, реагира СДСМ на најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), според кои синдикалната минимална кошничка во септември достигнала 69.432 денари, односно 84.807 денари за семејство кое живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри.
Од партијата велат дека растот на трошоците покажува оти просечната плата не е доволна за покривање на основните жизнени потреби, додека минималната плата е далеку под животниот стандард.
СДСМ ја обвини Владата дека не презема доволно мерки за справување со растот на трошоците и повторно побара Собранието да го усвои нивниот предлог минималната плата да изнесува 600 евра.
„Собранието да го усвои предлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра. Не како подарок. Како праг под кој државата не смее да дозволи граѓанинот да заработува“, порачаа од партијата.
СДСМ потсети дека претходно предложиле и укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ за енергенсите на пет проценти. Се додава дека дополнителен притисок врз граѓаните се очекува со почетокот на грејната сезона и повисоките зимски трошоци.








