Денот кога Москва гори: Украинскиот министер му испрати порака на Путин со фотографија

Макфакс

21/09/2026

09:20

314

Големина на фонт

а а а

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави фотографија од голем пожар над Москва и испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин со повик да ја заврши војната. Ова доаѓа по масовен напад на Украина со беспилотни летала и ракети врз руската престолнина и други објекти, вклучувајќи голема рафинерија на Газпромнефт.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави фотографија на која се гледаат густ црн чад и оган над Москва, придружена со порака до рускиот претседател Владимир Путин, во која го повикува „да погледне низ прозорецот на Кремљ и да ја заврши војната“.

„Утрото ми почна со честитки од бројни странски колеги по повод ’Денот кога Москва гори‘“, напиша Сибиха. „Оваа глетка сигурно не е исходот што го очекуваше Путин кога ја започна својата агресивна војна против Украина. Сега, кога војната стигна до нивните домови, Русите можат да го обвинат само Путин. Пораката до него е едноставна: погледнете низ прозорецот на Кремљ, видете го пламенот над Москва – и завршете ја оваа војна.“

Најголем напад врз руската престолнина

Фотографијата што ја сподели шефот на украинската дипломатија е направена откако Украина изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети низ Русија во текот на ноќта меѓу саботата и неделата – што се совпадна со последниот ден од руските парламентарни избори.

Главна цел на нападот беше големата рафинерија за нафта „Газпромнефт“ во Москва; таа се запали по директните погодоци, а густи облаци чад со часови се издигаа над станбените облакодери во руската престолнина.