Нови патишта, спортска сала и подобро водоснабдување – Чонески ги презентираше проектите за Крушево

Макфакс

20/09/2026

13:10

164

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Нико Чонески ги презентираше новите проекти за Крушево кои вклучуваат изградба на спортска сала, пристапни патишта, реконструкција на чаршијата и подобрување на водоснабдувањето, со цел подобрување на инфраструктурата и условите за живот во градот.

Нова спортска сала, пристапна улица до скијачките терени, две нови полетувалишта за параглајдери, реконструкција на Крушевската чаршија и подобрување на водоснабдувањето се дел од проектите што се реализираат или се подготвуваат во Крушево, информира денеска градоначалникот Нико Чонески.

Тој на прес-конференција соопшти дека во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која во иднина треба да се поврзе со планираната обиколница околу Крушево. Обиколницата во моментов е во тендерска постапка, а според Чонески, треба да го растовари сообраќајот низ градот, особено од тешките товарни возила.

Се подготвува и сообраќаен проект за обезбедување дополнителни паркинг места и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје.

Во делот на водоснабдувањето, се изработува студија за намалување на загубите на питка вода и утврдување на деловите од системот кои треба приоритетно да се реконструираат. Завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица, а во тек е тендер за целосна замена на хидро и електроопремата.

Чонески најави и почеток на селекција на комуналниот отпад, по што е предвидена изградба на центар за селекција. До крајот на септември се очекува и испорака на нов ровокопач-натоварувач за комуналното претпријатие, а веќе е набавено ново возило за собирање отпад.

Во туризмот и спортот, во завршна фаза се две нови полетувалишта, со кои, според градоначалникот, двојно ќе се зголеми капацитетот на параглајдинг-центарот во Крушево. Се уредува и дел од спортско-рекреативниот центар „Гумење“, каде што се гради детски рекреативен парк, а се уредува и просторот околу Крушевското Езеро.

Општината го започнува и процесот за реконструкција и ревитализација на Крушевската чаршија, додека техничката документација за реконструкција на Градскиот пазар е во завршна фаза.

Со поддршка од Министерството за спорт е најавена и изградба на нова спортска сала наменета за повеќе спортови.

Паралелно се работи на Генерален урбанистички план за дел од Крушево, Детален урбанистички план за контактната зона на градот, како и на планска документација за населените места и за изградба на канализациони системи.

„Нашата цел не е само да реализираме поединечни проекти, туку чекор по чекор да создадеме подобра инфраструктура, подобри услови за живот и нови можности за развој на Крушево“, рече Чонески.