Во тешка сообраќајна несреќа на патот Битола-Прилеп загина 17-годишно девојче, а четири лица, меѓу кои и седумгодишно дете, се здобија со тешки повреди. Несреќата се случила вчера кај место викано „Туланата“.
Седумнаесетгодишно девојче загина, а четири лица се повредени, меѓу кои и седумгодишно дете, во сообраќајна несреќа што вчера се случила на патот Битола – Прилеп, кај местото викано „Туланата“.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена во СВР Битола во 18:29 часот, а во неа учествувале автомобил „опел“ со битолски регистарски ознаки, управуван од Е.Ф. (28) од прилепското село Канатларци, и „форд“ со битолски регистарски ознаки, управуван од М.Н. (48) од Долно Српци, Општина Могила.
На местото на несреќата починала 17-годишна сопатничка во „опелот“, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Битола.
Возачот на „опелот“, како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете, кои биле сопатници во „фордот“, се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола. Повреден бил и возачот на „фордот“.
Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.








