Спортската сала во Бистрица, Битола, која долго време беше нефункционален културен дом, е во фаза на изградба и ќе прерасне во мултифункционален објект за спортски и културни активности. Проектот им овозможува нови можности на младите и ја заживува локалната заедница со инвестиција од над 37 милиони денари.
Со децении нефункционален, сега во фаза на изградба, од некогашен културен дом ќе прерасне во мултифункционален објект, извести Општина Битола.

Градежните работи се во тек, а денеска увид во нив направи градоначалникот на Битола Тони Коњановски и одговорните лица за овој проект.

„Жителите на Бистрица ќе добијат објект за спортски, но и културни активности на површина од 386 метри квадратни.

Новата спортска сала е во две целини приземје и галерија. Приземјето ќе биде поделено на две функционални целини, односно мултифункционален простор за спортски активности и помошни простории. Галеријата, ќе ја задржи својата намена, како гледалиште за културни манифестации“, велат од Општина Битола.

Според градоначалникот Коњановски, на овој начин се создаваат нови можности за младите, но и за повторно заживување на околните населени места.

За овој проект се инвестираат 37.599.966 денари, информира Општина Битола.












