Во Велика Британија беше завршена двегодишна истрага за пронајдено новороденче од почетокот на XX век, при што беше утврдено дека бебето Окленд било убиено. Останките биле пронајдени завиткани во стари весници и на нив имало траги кои помогнаа во истрагата, но многу прашања остануваат без одговор.
Истрага во Велика Британија заклучи дека новороденче, чии останки биле пронајдени завиткани во весници од 1910 година, било жртва на убиство. Во истрагата било утврдено дека непознато лице го задавило детето со врвка заврзана околу вратот, објави „Гардијан“.
Криспин Оливер, кој ја водел истрагата за смртта го опиша случајот како невообичаен од правен и доказен аспект и како исклучително тажна и уникатна приказна.
„Јасно е дека на едно беспомошно дете му се случило нешто страшно. Тоа се случило во нашата заедница, но пред повеќе од еден век. Трогателно е да се види како јавноста и луѓето од овој крај реагираа и направија сè што беше исправно за бебето Окленд“, рече Оливер.
Скелетот на бебето, познато единствено како „бебето Окленд“, бил пронајден на 29 јули 2024 година при реновирање куќа од крајот на 19 век во Бишоп Окленд.
Сопственикот на куќата, Питер Муди, ги открил останките додека поставувал нов под на вториот кат. Во изјава тој објаснил дека ги забележал откако подигнал една од подните штици, по што ги контактирал локалните власти бидејќи не бил сигурен дали веднаш треба да ја извести полицијата.
Главниот инспектор Мел Сатерленд на сослушувањето изјавил дека бил на должност кога пристигнала пријавата за пронајдениот скелет. Откако било потврдено дека станува збор за човечки останки, куќата била запечатена за да се обезбеди местото до пристигнувањето на форензички антрополог.
Научничката д-р Микол Зупело пристигнала истата вечер и во следните два дена ја пребарувала куќата.
Со форензичката анализа било утврдено дека скелетот бил речиси целосен и делумно мумифициран. Радиојаглеродното датирање можело да утврди само дека бебето починало во периодот меѓу 17 век и 1955 година.
Обдукцијата ја извршиле д-р Зупело и патологот д-р Луиз Малкахи. Според наодите, бебето било на гестациска возраст меѓу 38 и 40 недели. Не биле пронајдени траги од трауматски повреди, но околу вратот имало завиткана врвка.
Патологот објаснил дека врвката била трипати обвиткана околу вратот, заврзана во јазол, а потоа повторно обвиткана.
Сепак, не можело да се утврди дали врвката била затегната, поради што медицинската причина за смртта официјално останала неутврдена. Поради староста на скелетот и недостигот од меко ткиво, не можело ниту да се потврди ниту да се исклучи присуство на болест, физички напад или траума. Исто така, останало непознато дали детето било мртвородено.
Инспекторот Сатерленд објаснил дека била користена и ДНК-анализа, но таа не дала резултати. Единствената конкретна трага биле весниците во кои било завиткано бебето. Иако пожолтени од времето, страниците од весникот „The Umpire“ од јуни 1910 година сè уште можеле да се прочитаат.
Податоците од пописот на населението од 1911 година покажале дека објектот во тоа време служел како трпезарија или кафуле.
Полицијата упатила и јавен повик до можни роднини. Се јавиле две сестри кои сметале дека се во роднинска врска со слугинка што работела во куќата, но ДНК-анализата не ја потврдила поврзаноста.
Сатерленд признал дека истражителите во текот на целата истрага располагале со многу малку траги.
За време на сослушувањето, Сатерленд потврдил дека не биле пронајдени докази што би ја поврзале врвката со религиозен предмет или со тогашните акушерски практики.
Не бил ангажиран специјалист за јазли бидејќи трошоците за неговото доаѓање од Холандија биле оценети како превисоки за истрагата.
Бебето Окленд било погребано на гробишта во Бишоп Окленд во април годинава. Сите што работеле на случајот се откажале од надоместокот за своите услуги.
Сатерленд рече дека двегодишната истрага била предизвикувачка и во одредени моменти фрустрирачка.
„Сепак, беше трогателно да се види достоинственото испраќање што бебето на крајот го доби“, заклучи тој.















