Маја Серафимовска Борозан ја критикува отворената истрага од ДКСК и бара Јавното обвинителство да отвори детална истрага за трошењето на 5,5 милиони евра поврзани со голема јавна прослава, истакнувајќи непотполни документи и потреба за следење на парите.
Отворањето предмет од ДКСК за можен судир на интереси и тоа само кај едно лице не е истрага за проневера на 5,5 милиони евра. За огромни народни пари потребна е целосна истрага од Јавното обвинителство, која ќе го следи текот на парите.
Ова го истакна Маја Серафимовска Борозан на прес-конференција на СДСМ, од каде побара Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет и да ги испита сите околности поврзани со потрошените 5,5 милиони евра за прославата.
„Се кријат документи. Се кријат договори. Се кријат анекси, фактури и исплати. Се крие дури и дали е платен данок“, рече Серафимовска Борозан.
Таа побара Обвинителството да го следи текот на парите, да ги обезбеди документите, фактурите, договорите и податоците за исплатите и да утврди како биле носени одлуките, кој ги носел и кој имал корист од нив.
СДСМ постави и повеќе прашања во врска со трошењето на средствата, меѓу кои кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари, како јавниот повик траел само пет работни дена и била доставена само една понуда, како и колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и дали бил платен данок.
„Мора да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и кога бил исплатен“, рече Серафимовска Борозан.
Од партијата прашаа и колку заработиле „Стардаст“, односно „Авалон“, како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка и каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети.












