Интер одигра уште еден возбудлив, драматичен и меч исполнет со доста голови во Серија А, натпревар на кој одново излезе како победник овојпат во соочувањето со Удинезе.
Во претходната рунда „нероаѕурите“ имаа негатива од 2-0 против Наполи и потоа со пресврт славеа со 3-2, а по некое слично сценарио се движеше и дуелот со клубот од Удине, предност на противникот од 2-0, а потоа фантастичен кам-бек за конечни на крајот 5-3.
Маркус Тирам беше стрелец и асистент, го понесе признанието МВП и потоа испрати порака нема причина за загриженост и покрај слабостите кои тимот ги покажува.
- Не мислам дека треба да се вознемируваме. Одигравме многу натпревари, понекогаш можеме да го погрешиме пристапот, но докажавме дека сме тим кој знае како да реагира. Знаеме дека натпреварот трае повеќе од 90 минути, дека имаше уште долго време и дека можевме да го свртиме резултатот, па тоа го направивме, - порача Тирам кој е убеден дека ќе се прикажат во најдобро светло во дербито со Рома.
- Имаме 19 ривали против кои треба да постигнеме резултати оваа сезона, а Рома е меѓу нив, па затоа мора да одиме таму и да го направиме она што треба да се направи, - заклучи Маркус.







