Родителите предупредени за популарните „сквиши“ играчки, илјадници примероци се повлекуваат

Макфакс

06/09/2026

12:40

120

Големина на фонт

а а а

Американската Комисија за безбедност на потрошувачки производи (CPSC) предупреди на неколку меки играчки популарни кај децата, откако беше утврдено дека некои од нив содржат водени топчиња кои доколку бидат проголтани можат да се зголемат во телото и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.

Најновото повлекување се однесува на играчките „Squeezy Dumplings“ на производителот GIHNJSI и „Rainbow Mystery Squishy Buns“, дистрибуирани од OKK Trading. Двата вида содржат водени топчиња кои значително се зголемуваат кога ќе дојдат во контакт со течност.

Доколку дете проголта едно од топчињата, тоа може да се зголеми во телото и да предизвика задушување или блокада на цревата. CPSC предупредува дека последиците можат да бидат сериозни и да претставуваат ризик по животот.

Повлекувањето опфаќа околу 8.000 примероци од „Squeezy Dumplings“, кои се продавале преку Амазон во мај и јуни 2026 година. Повлечени се и повеќе од 7.200 играчки „Rainbow Mystery Squishy Bun“, продавани преку трети страни низ САД од мај до август годинава.

Во моментот на објавувањето на предупредувањето немало пријавени повреди поврзани со овие два повлечени производи. CPSC им препорачува на сопствениците да напишат „RECALLED“ („ПОВЛЕЧЕНО“) со траен маркер на играчката и на пакувањето пред да ги фрлат.

Истовремено, забележани се и случаи на сериозни изгореници кај деца по загревање други видови меки играчки. Дел од инцидентите биле поврзани со интернет-предизвици, а други се случиле откако играчките случајно биле оставени на високи температури.

Во еден случај, тинејџерка од Западна Вирџинија била хоспитализирана откако мека играчка била оставена во загреан автомобил. Играчката се загреала и ослабнала, а кога девојчето седнало на задното седиште, наводно пукнала и врелата содржина ѝ ги испрскала нозете.

Во друг случај, десетгодишно девојче од Велика Британија добило сериозни изгореници на лицето откако играчка експлодирала за време на интернет-предизвик кој вклучувал нејзино загревање. Нејзината мајка раскажала дека девојчето имало силно црвенило, оштетена кожа и плускавци.

Меѓу најпопуларните меки играчки се и производите „NeeDoh“. Производителот Schylling предупредува дека тие не треба да се загреваат, замрзнуваат или да се ставаат во микробранова печка бидејќи постои опасност од повреди.