ДУИ: Поскапува меѓуградскиот транспорт, директно се погодени студентите и граѓаните

Макфакс

06/09/2026

12:50

79

Големина на фонт

а а а

ДУИ реагира на зголемувањето на цените на меѓуградскиот транспорт кои директно ги погодуваат студентите и вработените, барајќи јавно објаснување и мерки за заштита на граѓаните.

Демократската унија за интеграција реагира на зголемувањето на цените на меѓуградскиот транспорт, што директно ги оптоварува граѓаните, особено студентите и вработените кои секојдневно патуваат од еден во друг град.

„Од Тетово до Скопје, билетот кој досега чинеше 200 денари е зголемен на 250 денари, што претставува зголемување од 25% по патување. За студент или вработен кој секојдневно патува, ова значи значително дополнително месечно оптоварување.

Истовремено, според презентираните податоци, месечните трошоци за транспорт се зголемиле од околу 5.500 на 6.500 денари, што дополнително го зголемува притисокот врз семејните буџети.

Дали ова е политиката на „грижа за граѓанинот“ што ја нуди власта?

Наместо да се креираат политики за подостапен јавен транспорт и за поддршка на студентите и вработените кои секојдневно патуваат, граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени“, велат од партијата.

ДУИ бара од надлежните институции јавно да ги објаснат причините за ова зголемување и да преземат мерки за заштита на граѓаните, особено на студентите и категориите кои зависат од меѓуградскиот транспорт.

Се додава дека граѓаните не можат да бидат тие што ќе ја плаќаат сметката за секој неуспех на власта. ‎