Возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е осомничен дека побарал 1.500 евра за да посредува за вработување пожарникар во Град Скопје, а бил затекнат при примопредавање на 500 евра од побараната сума. Судот му определил притвор од 30 дена.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување истражна постапка против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата, поради основано сомнение за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според Обвинителството, постапката била иницирана по пријава од граѓанин од кого осомничениот во периодот од 24 јули до 4 септември побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание.
Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на граѓанинот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари.
По пријавата, надлежните органи во координација со обвинител презеле дејствија за обезбедување докази. На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од побараните 1.500 евра. Парите претходно биле обележани.
Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и стравување дека може да го повтори кривичното дело.
Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.
Од Јавното обвинителство посочуваат дека навременото пријавување на корупцијата и соработката на граѓаните со институциите овозможуваат обезбедување докази и ефикасно постапување, повикувајќи ги граѓаните да ги пријавуваат случаите на поткуп и противзаконито влијание.








