Габриел Мартинели го комплетираше трансферот во Ал Хилал, во Саудиска Арабија сигурно добил одлични финансиски услови, но останува впечатокот дека не го напушти Арсенал во моментите и на начинот кои ги бираше самиот.
Бразилецот беше истиснат од менаџерот Микел Артета, (ин)директно му беше најавено дека нема да добива сериозна минутажа, па на крајот Мартинели мораше да си наоѓа друг клуб за да задржи посакуван статус во тимот чиј член е.
Критики за однесувањето на Артета кон Мартинели испорача и клупската легенда Иан Рајт, но на крајот крилниот напаѓач прифати нов предизвик, а дека не е задоволен од шпанскиот стручњак индиректно потврди и со пораката за разделба со „топчиите“.
Мартинели ги спомена речиси сите важни фактори во клубот, со исклучок на Артета, што секако не е случајно.
– Дојде денот и искрено, сè уште не се чувствувам подготвен да напишам збогум, но ќе се обидам. Кога пристигнав тука, пред седум години, бев само момче кое неодамна наполни 18 години. Во срцето мислев дека ќе останам засекогаш. Но, животот постојано се менува и понекогаш нашите патеки нè водат во насоки различни од оние што ги планиравме.
– Можам само да им се заблагодарам на персоналот и на моите соиграчи. Благодарност до готвачите, персоналот за опрема, лекарите, обезбедувањето, медиумскиот тим, персоналот за чистење, физиотерапевтите и секој соиграч кој беше дел од мојата приказна од 2019 година до денес. Благодарност до сите што ми помогнаа да растам за време на ова патување.
– И до навивачите, ви благодарам за сè. Од мојот прв ден, ме натеравте да се чувствувам како дома. Секој пат кога ќе стапнев на теренот, и покрај сè, се обидував да дадам сè што имав за овој дрес. До Арсенал, ви благодарам што верувавте во мене и што ми дадовте шанса да се покажам на светот- стои во дел од подолгата порака која ја испрати Мартинели.








